Град Скопје: Продолжува аплицирањето за субвенции за набавка на велосипеди

Сподели

 

Градот Скопје известува дека јавниот повик за субвенции на електрични тротинети заврши. Аплицирањето за субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди е се уште во тек. За електричните тротинети, средствата што Градот Скопје ги субвенционира се во износ од 30% од вредноста на еден тротинет, но не повеќе од 8.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
 
Во тек е јавниот повик за субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди. Средствата што Градот Скопје ги субвенционира за велосипеди се во износ од 50% од вредноста на велосипед, но не повеќе од 4.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
 
Целта на јавните повици е подобрување на квалитетот на животната средина, односно подобрување на квалитетот на воздухот во градот Скопје и унапредување на здравјето на луѓето, преку стимулирање на граѓаните на градот Скопје за користење велосипеди и електрични тротинети, со што би се намалило загадувањето предизвикано од сообраќајот.
 
На минатата седница на советот на Град Скопје донесена е и одлука за субвенционирање на млади лица, за набавка на електрични тротинети и велосипеди.  Со одлуките за првпат се предвидуваат субвенции за млади лица, на возраст до 29 години, кои се жители на Град Скопје.