Град Скопје свечено ги додели наградите 13 Ноември за придонес во развојот, севкупниот напредок и афирмација на градот Скопје, по повод одбележување на 80. годишнината од денот на ослободувањето на Скопје.
Од областа на науката добитник на наградата 13 ноември е проф.д-р Драги Митревски за посебен придонес во истражувачката научна и едукативна дејност поврзанa со Скопје, како и со меѓународна афирмација и популаризација на културното и историско наследство на Скопје.
Од областа на науката Ана Мартиноска и Жарко Иванов за научната книга „Тажачките песни од скопскиот земјотрес во 1963 година (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ која претставува особено значајно остварување во областа на науката и книжевноста со обемна архивско документаристичка вредност врзана за Скопје и скопскиот земјотрес како еден од клучните мигови од културната меморија на градот.
Од областа на публицистиката Реџеп Златку, за долгогодишни остварувања и севкупен значаен придонес во областа на публицистиката, новинарството и литературата во градот, Македонија и пошироко.
Од областа на образованието и воспитанието Светлана Јосифоска за континуирани долгогодишни постигнувања во наставните и воннаставните активности и афирмација на градот.
Од областа на културата Toшо Филиповски за повеќе од триесетгодишна творечка и континуирана работна целина која ја покажува еволуцијата на македонската рок музика, како и на македонската култура.
Од областа на уметноста проф. Симон Шемов за повеќегодишни континуирани достигнувања и придонеси во развојот и промовирањето на ликовната уметност.
Од областа на здравствената заштита проф.д-р Никола Јанкуловски за долгогодишен придонес во унапредувањето на здравствената заштита, особено во хирургијата каде со воведувањето на иновации во техниките се остваруваат значајни напредоци и со својата посветеност придонесува во унапредувањето на клиничките и во академските практики.
Од областа на социјалната заштита Универзитет „Св. Кирил и Методиј” Стоматолошки факултет Скопје за посебен придонес во заштитата и унапредувањето на денталната медицина, особено во доменот на бесплатни стоматолошки услуги за децата од социјално-ранливи категории.
Од областа на техничката култура проф. Даме Димитровски-ментор на тим и Димитар Алжуровски-тим лидер,студент за историско достигнување на тим од млади студенти кои самостојно проектираа, дизајнираа, конструираа и изработија сопствен тркачки автомобил во стилот на Формула 1.
Меѓународно признание Кинга Нетман Мултановска за книгата „Варшава го исцртува Скопје“ што остава длабока трага во документаристиката за Скопје и дава посебен придонес за развојот на градот и неговиот севкупен напредок и афирмација во светот.