Суспензија на дел од деталните урбанистички планови во Општина Центар би предизвикала тежок економски удар врз градежниот сектор, преку механизми кои се целосно правно неиздржани и директно ќе му наштетат на градежниот сектор и граѓаните, реагира Градежната комора.
Ваквото постапување ја ограничува слободата на пазарот и претприемаштвото и директно ги загрозува уставно загарантираните права на граѓаните и претпријатијата. Доколку постои спорен случај институциите да си понесат одговорност за грешките и да најдат начин како истиот спор да го разрешат, без да ги оштетуваат сите останати на кои им се загарантирани правата на сопственост и обезбедување подобри услови во живеалиште во оваа општина. Во изминатите три години, градежниот сектор беше жртва на два мораториуми кои беа поништени од Уставниот суд, а кои предизвикаа огромна штета врз граѓаните, градежништвото и економијата воопшто. Со вакви постапки на работење директно се попречува работењето на претпријатијата и се ограничува правото на сопственост и стекнати права на имот. Преку механизми кои се бараат а се спротивни на позитивните прописи, се нарушуваат правата на граѓаните и претпријатијата, а со тоа се создаваат ненадоместливи штети по однос на имотот и економијата.
Во оваа прилика сакаме да предупредиме и точно да информираме за последиците од евентуални нови суспензии на ДУП-ови или блокирање на целосно легалните процеси и уставно загарантирани права. Имено, градежните претпријатија кои во моментов имаат стекнати права на имот и целосно легални процедури за добивање на дозволи за градба, ќе бидат приморани да поведат правни постапки против институции и лица кои ќе иницираат вакви дејствија, а се целосно спротивни на законот. Предупредуваме дека судските исходи од ваквите постапки ќе значат милионски казни и штети врз буџетот на централните и локалните институции. Градежниот сектор во изминатиот период делуваше конструктивно, со многу разбирање за политиките, кои поради погрешна имплементација де факто направија огромна штета врз градежниот сектор. Постапките на незаконско носење на мораториуми и слични дејствија не може повеќе да се толерира, а градежништвото тој товар ни финансиски не може да го издржи. Градежниот сектор е двигател на економијата и со себе движи дополнително уште 26 стопански гранки, меѓутоа во изминативе години е доведен во состојба да се бори со ликвидност. Дури 80% од претпријатијата се соочуваат со потешкотии во организација на работата и намалена деловна активност. Апсолутно е недозволиво преку противправни процедури да се попречува работењето на градежништвото, а со тоа и да се воведува економијата во стагнација. Апелираме до сите надлежни институции да се придржуваат до правните процедури и своите одлуки да ги носат во согласност со законите и Уставот. Се што бараме е почитување на законите, правото на сопственост, почитување на слободата на пазарот и сите останати права кои законски следуваат, а не се спроведуваат. Веруваме во спроведување на законски и уставно загарантирани права со кои ќе се надмине настанатата тешка ситуација во која градежништвото се наоѓа, реагира Градежната комора..