Градоначалникот на Кочани, Папазов упати сочувство до семејствата на починатите во големата трагедија

Сподели

Почитувани сограѓани, ужалени родители и јавност…

Неизмерна е болката од трагедијата што го снајде Кочани.

Страотен е екот на тагата од нашите срца.

Со огромна тага изразувам најдлабоко сочувство за загубата на животите во страшната трагедија што го потресе Кочани.

Во овие тешки моменти сите наши мисли и молитви се со семејствата и најблиските на загинатите. Ги правиме сите напори и се молиме за што побрзо закрепнување на преживеаните.

Од мое лично име им благодарам на сите поединци, организации и институции од Македонија и од странство кои ја покажаа својата солидарност во трагичниот настан.

Вечна им слава на починатите! Нека почиваат во мир!

Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани.

На колегиумот што утринава се одржа во Општина Кочани, а по трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“, градоначалникот Љупчо Папазов даде неколку препораки за преземање активности во наредниов период.

Од колегиумот е упатена препорака за целосно почитување на прогласената седумдневна жалост, со што се откажуваат сите настани од забавен, културен и спортски карактер.

Упатена е препорака до Управниот одбор на КЈП „Водовод“ да донесе одлука за проширување на парцелите во Градските гробишта и определување посебно место за починатите во пожарот, како и одлука за бесплатно доделување парцели за починатите и за погребните услуги коишто се во надлежност на КЈП „Водовод“.

Градоначалникот Папазов иницира отворање донаторска сметка во соработка со ОО на Црвен крст Кочани, на која може да се примаат донации за повредените и настраданите. На оваа сметка на Фондот на солидарноста на Црвен крст на РСМ  Општина Кочани ќе донира 3 милиони денари од сопствениот буџет.

Во врска со препораките произлезени од колегиумот и градоначалникот Папазов наскоро ќе заседава Советот на Општина Кочани.

Во соработка со Брегалничката епархија и Црковниот храм „Свети великомаченик Георгиј“ црковните обреди за покој на починатите нема да се наплаќаат.

Сметка на Фонд на солидарноста на Црвен крст на РСМ: 300000001327966

Даночен број: 4030984271620

АД Комерцијална банка

Назнака: помош за настраданите граѓани во пожарот во Кочани