Градоначалникот на Прилеп волонтира во Инфективното одделение на прилепската болница

Сподели

 

„Состојбата со коронавирусот во нашата општина во последните десетина дена е загрижувачка, дури и алармантна. Како градоначалник на општина Прилеп, како лекар, од денеска се ставам на располагање на потребите на Инфективното одделение. Им ја понудив мојата помош која со задоволство беше прифатена. Јас знам дека и самиот припаѓам во ризичната група на граѓани на возраст од над 60 години, каде е поголема можноста да добијам инфекција или, не дај Боже, да заболам. Но, тоа е пресметан ризик. Како општествено одговорен граѓанин, како лекар кој ја има дадено Хипократовата заклетва, им се ставам на располагање на моите колеги од секој аспект: технички, организационен, медицински. Тоа ќе го правам, се’ додека има потреба“, изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

Јованоски рече дека во услови кога Општина Прилеп работи со намален капацитет, тој заедно со својот тим, ќе ги извршува неопходните обврски, кои ќе овозможат Општината непречено да функционира, во интерес на потребите на граѓаните.

 

 

Градоначалникот ја најави можноста за скоро време и во Прилеп, во Центарот за јавно здравје, да се вршат ПСР тестови.

„Вчера разговарав со директорката и докторите од Центарот за јавно здравје. Тие имаат апарат за вршење ПСР тестови и моја заложба е да им овозможиме на најголемиот дел од нашите сограѓани да се тестираат овде. Има донација од ‘Гентерм’ и Мермерен Комбинат и заедно со помошта на Општина Прилеп, во наредниот период ќе го направиме овој Центар за испитување на ПСР тестови“, нагласи градоначалникот Јованоски.

 

 

Оценувајќи ја состојбата како драматична, Јованоски рече дека преку својот личен пример, упатува порака до сите здравствени работници, во овие тешки моменти да се приклучат во справувањето со пандемијата.

„До сите мои колеги, медицински сестри, болничари, упатувам апел да се пријават како доброволци, волонтери, да помогнеме во овие моменти, бидејќи на оштеството, на граѓаните им е најпотребна медицинска помош која ние можеме да ја дадеме. Ваквиот тренд на болеста и натаму ќе продолжи, се надевам не многу долго, но до крајот на овој месец или  редината на другиот, ќе имаме ваква ситуација“, потенцираше Јованоски.

denesmagazin.mk