Граѓаните сметаат дека пратениците ги застапуваат личните и интересите на партијата

Сподели

 

Над две третини (72%) од испитаните граѓани сметаат дека пратениците во Собранието секогаш ги застапуваат интересите на нивните политички партии и своите лични интереси (78%), покажува теренска анкета на Институтот за демократија спроведена на 1.000 испитаници за перцепциите на граѓаните и јавноста за работата на Собранието во периодот од јуни 2018 до април 2019 година.

„Високи 62% од граѓаните сметаат дека Владата има контрола врз Собранието. Само 17% од граѓаните мислат дека Собранието има контрола врз Владата (како што е предвидено според Уставот), а 20% од граѓаните немаат мислење по оваа прашање. Граѓаните работата на Собранието во текот на последната година ја оценија со средна оценка од 2,9 на скала од еден до пет“, се вели во Извештајот за квалитетот на дебатата во Собранието, кој се однесува на периодот од 1 јануари до 30 јуни 2019 година.

Граѓаните оцениле дека квалитетот на дебата во Собранието е на ниско ниво односно ја добива минималната потребна оценка за да се именува како дебата.

„Пратениците од мнозинството – СДСМ и ДУИ учествуваа во 40% од набљудуваните дискусии, додека опозицијата – ВМРО-ДПМНЕ и коалиција, Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, Алијанса за Албанците, Движење БЕСА, Алтернатива и ДПА, учествуваа во 60% од набљудуваните дискусии. Најактивен пратеник кој на собраниската говорница се задржал најдолго е Панчо Минов со 283 минути, а по него следуваат Трајчо Димков со 213 минути и Илија Димовски со 210 минути. Во 32% од анализираните дискусии пратениците немаа аргументи, додека во 42% од анализираните дискусии пратениците имаа слаба аргументација, односно говорниците понудија образложение на своите позиции кое не е доволно да се смета за еден целосен аргумент“, се вели во Извештајот.

Истражувањето било спроведено во рамките на проектот „Собранието под лупа“ поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка.