Грчкиот бизнис-гигант и синџир маркети „Маринопулос-Карфур“ е на еден чекор пред банкрот.
Компанијата поднесе барање да биде заштитена и консолидирана од нејзините кредитори, кое ќе се разгледува в петок. Доколку барањето биде одбиено, „Маринопулос“ ќе биде принудена да поднесе банкрот, со тоа ставајќи ги во неизвесност судбините на 12.500 вработени.
Компанијата има долг кон банките, снабдувачите, вработените и кон државата од околу 1,3 милијарди евра. Нејзиното пропаѓање се стравува дека ќе предизвика голем крах на пазарот и потенцијални нови пропаѓања на фирми во секторот храна, ако се земе предвид дека компанијата соработува и должи на повеќе од 2.000 снабдувачи.
Еден од најстарите синџири на маркети, кој ги презеде и маркетите од француската компанија „Карфур“ по нејзиното заминување од Грција, веќе една година се бори за опстанок.
Полиците на маркетите со месеци се празни, едвај се наоѓа по некој производ од само еден бренд. Поради неисплатените долгови кон снабдувачите, во маркетите на моменти не можеа да се најдат ни најосновни производи. Надежите на компанијата беа дека договорот за нејзино преземање од синџирот маркети „Склавенитис“ ќе спаси дел од компанијата и од вработените, меѓутоа договорот во последен момент пропадна поради интервенција на банките вклучени во договорот, кои стравуваа дека ова е ризичен потег за „Склавенитис“.
Сериозните проблеми за „Маринопулос“, според проценките во Грција, почнаа поради ограничувањата на капиталот во банките кои беа наметнати во државата минатото лето.
Тогаш беа затворени околу 20 маркети, а компанијата со месеци не можеше да им плаќа на снабдувачите, останувајќи при крајот со празни полици.
Анализите велат дека честите промени на менаџментот од 1999 година наваму, соработката со францускиот синџир маркети, но и големите грешки во трговската политика заедно со проблемите од финансиската криза во Грција довеле до тоа „Маринопулос“ да се најде на раб на банкрот.
Од почетокот на кризата досега, во Грција клуч на врата ставиле околу 200.000 големи, мали и средни претпријатија. Пред само неколку недели банкрот прогласија големиот синџир маркети за бела техника „Илектроники Атинон“ и луксузниот хотел „Ледра“ во Атина.