ГРЕКО: Македонија не напреднала во спречувањето корупција на пратениците и судиите

Сподели

Во својот Втор извештај за усогласеност, објавен денеска, ГРЕКО (Група на земји против корупцијата), организација што функционира во рамките на Советот на Европа порача дека „Поранешна југословенска република Македонија не направила суштински напредок во спроведување на препораките за спречување корупција меѓу пратениците, судиите и обвинителите.“

Извештајот за усогласеност е направен според Ситуацискиот извештај со дополнителни информации за спроведувањето на 19-те препораки доставен од македонските власти на 31 јануари годинава.

Нарекувајќи го постигнатото во оваа фаза „навистина разочарувачки“, антикорупциската група на Советот на Европа ги повикува властите да преземат порешителни и пофокусирани активности за спроведување на препораките издадени уште пред четири и пол години. ГРЕКО  констатира дека има многу ниска усогласено со препораките, односно нивото е „генерално незадоволнително“.

Поточно, само шест од вкупно 19 препораки се спроведени на задоволително ниво. Од останатите, шест се делумно спроведени, а пет останале неспроведени.

Во однос на пратениците, ниту една од препорачаните измени не е спроведена ниту делумно, со исклучок на донесувањето на Кодексот на однесување на пратениците, кое претходно беше во блокада од крајот на 2016 година.

Во однос на спречувањето корупција меѓу судиите и обвинителите, Вториот извештај за усогласеност посочува дека е направен ограничен прогрес, посочувајќи на измените на Законот за Судскиот совет, донесени во декември минатата година и во мај годинава.

ГРЕКО напоменува дека се креираат нови советодавни и надзорни тела за судиите и обвинителите, како нивна поддршка во примената на правилата на постапување. Сепак, на ова антикорупциската група на Советот на Европа поподробно ќе се осврне откако ќе добие повеќе сознанија.

Што се однесува до анкетните листови, односно пријавувањето на имотот и конфликтите на интереси, ГРЕКО со жалење констатира дека не е направен значителен напредок за засилување на контролната функција, како и на политички понезависен пристап на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Антикорупционерите од Советот на Европа го посочуваат и случајот поради кој речиси сите членови на Антикорупциска си поднесоа оставки.

Следниот извештај се очекува на 30 јуни 2019 година.

meta.mk