Грковска: Законот за борба против допингот е финализиран

Сподели

 

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска организираше работен состанок со претставници на Светската анти-допинг агенција (WADA), со цел да се интензивира постапката за усвојување на Законот за борба против допингот и негово спречување, што е обврска за нашата држава според меѓународниот анти-допинг код.

Грковска информираше дека нацрт-текстот на овој закон е веќе подготвен и следи негово усвојување од страна на Владата, на предлог на Министерството за правда. Таа изрази надеж дека во Собранието ќе има консензус за негово донесување по брза постапка, за да не се дозволи да бидеме една од трите земји во Европа кои немаат ваков закон.

Вицепремиерката Грковска посочи дека ни спортот не е имун на корупција, а поради неговото огромно влијание и големиот потенцијал преку него да се промовираат интегритетот, еднаквоста и правдата како водечки принципи во заедницата,  сите релевантни чинители мора да водат сметка за регулативите и процедурите, доколку вистински се цели кон тоа спортот да ја исполнува својата благородна мисија во општеството, а не да биде извор на појави кои ја разјадуваат неговата смисла и цел.

Себастијан Жило, одговорен за Светската анти-допинг агенција во Европа, изрази задоволство од досегашната соработка со институциите кои се вклучени во изработката на законот, како и од иницијативата на вицепремиерката Грковска за забрзување на процесот на  негово усвојување. Со оглед дека претстои период на избори, Жило истакна дека Светската анти-допинг агенција би ценела доколку законот се донесе пред почетокот на изборната кампања, бидејќи во спротивно постои опасност да се загрози учеството на нашите спортисти на меѓународните спортски настани.

На средбата се обрати и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, кој се заблагодари за поддршката во подготовката на законот до колегите од анти-допинг организациите од регионот, и ги појасни клучните одредби од овој закон, со кој Националната антидопинг комисија, која моментално функционира во рамки на АМС, ќе прерасне во посебна организација, согласно меѓународните стандарди.

На средбата присуствуваа и директорите на анти-допинг организациите од Србија и Австрија, директорот на Канцеларијата на претседателот на WADA, координаторот за НАДО-МК, како и претставници на Министерството за правда и Агенцијата за млади и спорт.