Демократијата би требало да биде отстранување на секоја духовна и материјална подреденост и власт во просторот и времето засекогаш.
Таа во вистинската смисла на зборот, би требала да биде владеење на најширока материјална и духовна солидарност меѓу луѓето, “окупација” од хуманистичкиот морал на човековата свест и општествените односи, тежеење кон сеопшт светски мир како состојба што најмногу им одговара на човечките односи, овозможување на слободно негување и практикување на сите благородни и доблесни вештини, занаети, уметности, научни дејности… Демократијата би требало да претпоставува пристојни и неегоистички односи меѓу поединците, организациите и државите. Остварувањето на вистинската демократија претпоставува високо развиен степен на морална и интелектуална интелигенција кај сите општествено организирани суштества, висока смисла и страсна љубов на сите кон редот, пристојноста и работата како единствени извори на благосостојбата и сеопштата среќа. Демократијата би требало да биде еднаквост пред законите, пасивно и активно право на секого при сите изборни функции, бесплатна правна помош и бесплатен пристап до правните механизми, загарантирана слобода на работа и социјална сигурност, медиумска слобода, почитување на човечкото достоинство и основните човекови права… Кратко кажано, вистинската демократија е идентична со социјализмот. Тие се синоними!
Но, денешниве општества како резултат на големиот неолиберален триумф од крајот на нинатото толетие се пореметени, па политиката е измамничка, економијата експлоататорска, постоечките институции неправедни, паметта неразумна, добрината непотребна, а човекољубието е претворено во карикатура и гњаважа. Оваа суштинска пореметеност, доведува низа на општествено-политички аномалии, масовно оглупавување, масовен морален инвалидитет, масовни религиозни суевериа, фашизоидни големодржавни мегаломании, војни со масовни масакри низ цел свет, масовни финансиски криминали и секојдневни масовни пропагандни измами. Кратко кажано, пред наши очи, всушност, се простираат непрегледни гробишта од „демократски“ институции, од хуманистички вредности и од човечка памет.
Живееме во сеопшта морално-политичка беда, во девастирано економско и социјално општество, во време кога нашиот просечен граѓанин наполно се загуби во пасивно мртвило и во жалосно неснаоѓање низ лавиринтите на сеприсутната неолиберална и неофашистичка пропаганда спроведувана од денешните „газди“ на светот. Згора на ова, македонските граѓани, беа и се изложени на вистинската историографска тортура која им ја вршат епигоните на бугарските врховисти и албанските балисти. Таа тортура се врши преку „новопрочитаната“ историја по антимакедонски терк, па многумина македонски граѓани ги загубија аксиолошките историски ориентири, па идоли им станаа „благородните“ Владо Шоферот и Ванчо Михајлов, Мане Мачков и Крсто Кумановски, Џемо и Мефаил, дузина од оние кои испозаклаа, изнакажаа, испострелаа, изобесија, изгазија и испотепа цел ред идеалисти, комунисти и македонисти што имаа смелост да се спротивстават на умоболните големодржавни и фашистички фикции.
Денеска, со интернетот и социјалните мрежи, на површина излезе „невидливиот“ фашизам. Оној кој, со години наназад, пијано се пелтечеше по кафеанските маси од неофашистичките алхохоличари и кој се блебетеше по десничарските партиски штабови. Се појавија низа весници и интернет портали преку кои наследниците на чкатровци, ванчомихајловци, хитлеровци…, почнаа да зборуваат и вриштат. Сите оние кои преку шеесет години имаа замолкнато, оти немале и не знале на никого ништо да му кажат, а духовните „лидери“ на тие политички и културни живи мртовци, биле во длабока илегала некаде низ ватиканските „глувчешки канали“, денес повторно се разврескаа на јавна сцена и се обидуваат да ги продадат своите празнозборни антикомунистички и антихуманистички тиради. Малоумните милитаристички и фашизоидни големодржавни соништа на соседите на Македонија, повторно станаа легитимни политики за неофашистичката европската политика и бирократија.
Никогаш никому нема да му биде јасно и никогаш никому не ќе може да му се објасни како беше можно после трауматското искуство на Аушвиц и останатите концентрациони логори, Европа повторно да го „прегрне“ како свое новороденче и повторно да го негува и одгледува неофашизмот во своите пазуви. Никогаш никому нема да му биде јасно и никогаш никому не ќе може да му се објасни како ние во Македонија национализмот го направивме „нормална“ политичка опција, па дозволивме политичката понуда да ни се сведе на етно-национални партии кои заговараат и спроведуваат радикална националистичка политика и ја водат земјата кон дезинтеграција и распаѓање. Секако, необјасниво ќе остане зошто не можевме да ги наречеме овие радикално-националистички партии со нивното вистинско име – (нео)фашистички партии и да им се спротиставиме во нивниот рушителен поход на нашата нација и држава. Веројатно, необјаснесто ќе остане, како некои луѓе после повеќе од седумдесет години слободна македонска држава се откажаа од сопствената македонска национална свест, како го прифатија големобугарското националшовинистичко читање на македонската историја и како се претворија во „класични“ национални одроденици. Никогаш никому нема да му биде јасно и никогаш никому не ќе може да му се објасни како стигнавме, доброволно и скоро немо, да прифатиме да замениме еден хуманистички и праведен со ѕверски, робовладетелски и крајно неправеден општествен систем. Или, кој знае, можеби, ќе се најде некоја умна глава, некој генијалец, што ќе ги објасни и овие антиразумски и „необјасниви“ нешта?