Грција и Бугарија ја повикаа македонската влада да го почитува владеењето на правото

Сподели

средба

Грција и Бугарија бараат Балканот да покаже демократски вредности и да го напушти стариот националистички менталитет. Тие испратија индиректна порака до македонската влада да се придржува до европските принципи за владеење на правото, одржување на демократски вредности и за почитување на добрососедските односи. Индиректната порака доаѓа преку заедничката декларација на грчката и на бугарската влада, која вчера беше потпишана во Софија по третата заедничка владина седница на Грција и на Бугарија.

Истакнувајќи дека продолжуваат да работат на заедничкото стратешко партнерство, двете влади покрај темите како енергетиката и соработката во ЕУ и во НАТО, во заедничката декларација се осврнуваат и на нивните заеднички ставови за иднината на Западен Балкан. Грција и Бугарија посочуваат дека балканските држави и понатаму се од стратешка важност за ЕУ и за НАТО и ќе бидат поддржувани во нивните обиди за приклучување на овие меѓународни институции под условите да продолжат да се придржуваат до критериумите и на условите за членство во овие организации.
Двете соседни земји на Македонија од заедничката владина седница порачаа дека процесот за членство во ЕУ зависи од тоа колку државата се придржува до критериумите за владеење на право, демократските вредности, основните права, вклучување на граѓанското општество и почитување на добрососедството и на регионалната соработка.

„Брзината на пристапниот процес зависи од принципот на „сопствени заслуги“ и од потребните реформи кои треба да продолжат да се спроведуваат преку зрел и сеопфатен демократски дијалог на целото општество, за да се осигура и стабилност и демократско владеење, наместо да мора да се избира една од овие работи.“, се вели во декларацијата.

Индиректно обраќајќи се кон Македонија, меѓу другото, двете влади изразија загриженост од случувањата во регионот и испратија порака дека ги поттикнуваат политичките лидери да покажат во практика дека се посветени на демократските вредности, владеењето на правото, човековите права и на почитувањето на интересот на сите граѓани.

„Ги осудуваме националистичката реторика и недемократските дела и потсетуваме дека сите држави од Југоисточна Европа се обврзани да го следат патот на европската интеграција со почит кон вредностите и кон принципите на ЕУ, напуштајќи ги негативните однесувања и ставови од минатото“, додаваат како потписници бугарскиот и грчкиот премиер и министри во декларацијата.

Грција и Бугарија на заедничката седница во Софија главно се фокусираа на енергетската соработка, преку договор за побрза изградба на грчко-бугарскиот гасовод ИГБ и можноста за негово поврзување со Трансјадранскиот гасовод, како и за изградба на станица за течен природен гас кој ќе може да се спроведува низ целиот Балкан. Двете страни разговараа и за засилување на соработката на пограничните служби и за одбраната за подобро справување со бегалската криза.

Премиерите Алексис Ципрас и Бојко Борисов истакнаа дека Грција и Бугарија се фактор на стабилност во регионот и дека ќе продолжат да соработуваат во таа насока. Грчкиот премиер посочи дека ќе продолжи да ги поддржува напорите за прием на Бугарија во шенген-зоната.

Извор:Meta.mk