Грција: Се искачува бројката на загинати, повредени и исчезнати – oтворена сметка за донации

Сподели

Дополнително се зголеми бројот на загинати во пожарите што го зафатија источниот дел на областа Атика во Грција и според последното соопштение од грчката противпожарна служба, вкупно 81 лице го загубија животот.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, и понатаму продолжува потрагата по исчезнати лица, но само во становите и куќите што се отворени.

– Потрагата за пронаоѓање на исчезнати лица продолжува со несмален интензитет со патроли кои пеш вршат контроли на отворени простори, автомобили, дворови на куќи, куќи кои што се целосно или делумно уништени во пожарот, но и во сите други простори каде што би можеле да се пронајдат луѓе. Во домовите што се заклучени и не е можен влез, за сега уште не е извршена контрола, вели Ставрула Малири портпаролката на противпожарната служба на Грција и потенцира дека потрагата нема да запре се додека не се проверат сите делови зафатени од пожарот.

Решено е прашањето со храна, лекови и сместување. Она што го бараме од сите, од целиот свет е финансиска помош на сметката на општината Рафина или на сметка на владата за да се поправи инфраструктурата- изјави градоначалникот Бурнус за МИА.
Грчката влада поради големата поддршка, интерес и солидарност од внатрешноста, но и на меѓународно ниво, отвори спецјална банкарска сметка во банка за донации од странство за погодените во катастрофалните пожари.
За сите оние кои сакаат да донираат, бројот на сметката е 23/2341195169  IBAN GR 4601000230000002341195169.