Владата се надева дека зголемените стапки на вакцинација и повисоките температури ќе ги намалат бројките на новозаразени, со што ќе можат безбедно да ги пречекаат посетителите – за доброто на економијата. Бројките укажуваат дека тоа ќе биде стратегија со повисок ризик отколку што јавно се признава.
Стратегијата на Грција за вакцинација против Ковид-19 е тесно поврзана со координираниот пристап на ЕУ. Оттука произлегува и комбинацијата на набавени вакцини, стапката на испорака и насоките за методот за распределба на вакцините, додека процесот на вакцинирање на населението може да се рече дека досега тече изненадувачки непречено и без контроверзии.
Меѓутоа, бавното темпо на испорака како резултат на пристапот предводен од ЕУ може да го забави повторното отворање на економијата, особено на туристичкиот сектор, кој е навистина важен. Владата неодамна започна да навестува дека може да се префрли на понасочено дистрибуирање на вакцините, во обид да се стимулира економската дејност.
Операција „Слобода“
Националниот план за вакцинација против Ковид-19, наречен „Операција Елефтерија (Слобода)“ симболично започна на 27 декември. Грција ги распределува вакцините строго следејќи ја прелиминарната шема за набавки на ЕУ, според која, во планирањето во рана фаза може да се испорачаат вкупно 28,3 милиони дози од сите одобрени добавувачи.
Дози на вакцини за Грција, категоризирани по добавувач, според прелиминарната шема за набавка на ЕУ, 23 декември 2020 година (Извор: Национална кампања за вакцинација).
Помалку вакцини од најавеното
Бројките објавени во Националниот план за вакцинирање во декември 2020 година покажуваат дека, всушност, Грција премолчено нарачала премали количини од некои од вакцините што тогаш се очекуваше најбрзо да бидат пуштени во употреба, а ЕУ им доделува вакцини на земјите членки врз основа на големината на населението. На пример, Грција, со 2,2% од вкупното население во ЕУ, можела да нарача до 6,6 милиони дози на Фајзер/Биоентек во декември 2020 година, но одлучила да резервира 4,7 милиони. Слично било и со вакцината на Модерна – Грција можела да резервира до 3,5 милиони дози врз основа на нејзиното население, но резервирала само 1,8 милиони.
Според извештаите, ваква стратегија следеле неколку не толку богати држави на ЕУ, кои се откажале од дозите на поскапите вакцини коишто се и потешки за ракување, поради цената или поради практични причини, избирајќи наместо тоа да почекаат поевтини, пофлексибилни формулации што ќе се пуштат во употреба подоцна. За Грција, потребата да достави вакцини на тешко достапни места како што се малите острови можеби играло улога во одлуката за набавка.
Досега немало дискусија за набавка на вакцини од добавувачи надвор од шемата за набавки на ЕУ, како што се Синофарм и Спутник В, со што се заобиколи геополитичката двојба која се појави во соседните балкански земји, како и во некои земји членки на ЕУ, како на пр. Унгарија, но истовремено и се ограничи потенцијалната брзина на вакцинација. Исто така, нема пријавено договор за склучување партнерство со други земји за дистрибуција на вакцини или донирање вакцини на земји на кои им недостасуваат.
Согласно конзервативните одлуки за набавки, испораката на вакцини во Грција ќе ја следи шемата на ЕУ во чекор, чекајќи прво Европската агенција за лекови да ги одобри новите вакцини и зависејќи од политичката моќ на Брисел да се погрижи за нивна навремена достава. До 30 март, Грција доби 1,955 милиони дози на вакцини (1 342 380 од вакцината Фајзер, 147 600 од Модерна и 465 600 од Астра зенека) според Европскиот центар за превенција и контрола на болести.
Според Министерството за здравство, во април земјата треба да добие вкупно 1,1 милиони дози од вакцината Фајзер, 450 000 од Астразенека и 100 000 дози од вакцината на Модерна. Џонсон и Џонсон треба да испорачаат 1,2 милиони дози во текот на второто тромесечје. Првичниот распоред предвидуваше 5 милиони дози од вакцината на Астра зенека до крајот на април. Сега изгледа дека тоа тешко ќе се оствари поради добро познатите застои во испораката, предмет на спор помеѓу Европската комисија и англо-шведската компанија.
Грција продолжи да вакцинира со вакцината на Астра зенека според упатствата на Европската агенција за лекови и не го следеше примерот на неколку европски земји за привремен прекин на нејзината употреба поради стравувања од несакани последици. Според стратегијата на владата за национална дистрибуција на вакцината, ќе има доволно капацитети за давање до 2 милиони дози месечно откако ќе започне програмата. Сегашната просечна стапка од околу 28 000 дадени дози на ден значи дека месечно се даваат приближно 800 000 дози, а има и планови да се зголеми оваа бројка до 1,5 милиони дози месечно во април.
Извор: 24.mk
Стратегијата за вакцинација е функционална
До средината на февруари, се поставија над 750 пунктови за вакцинација на национално ниво, во јавните болници и здравствените центри, со планови за уште 272 до почетокот на април. Два големи центри за вакцинација се поставени во Атина и Солун под раководство на армијата, која исто така управува со логистиката и дистрибуцијата, а се планира и трет во Атина.
Закажувањата за вакцинација се прават преку централизирана онлајн платформа или преку системот за е-рецепти што неодамна беше пуштен во употреба. Со сегашната количина добиени вакцини со две дози, се резервираат двата термини за вакцинација истовремено, со што се резервираат две дози од постојните залихи. На датумот кога е пишуван овој текст (30 март), Грција е близу до просекот на ЕУ во поглед на примени вакцини, односно дадени се 78,5% од добиените дози.
Употреба на вакцини против Ковид-19 во Грција. Грција е претставена со сината точка близу центарот на приказот (Извор: ECDC Covid-19 Vaccine Tracker).
Досега, 5.7% од населението (малку над 550,000 луѓе) се целосно вакцинирани, а 11,7% (нешто повеќе од 1 милион луѓе) примиле барем една доза, ставајќи ја Грција маргинално над просекот на ЕУ по двете точки. Ова значи дека – заедно со поголемиот дел од ЕУ – на Грција ѝ претстои долг пат да ја постигне целта за вакцинирање на 70% од возрасното население до крајот на летото, меѓутоа нејзината цел да го вакцинира поголемиот дел од населението постаро од 60 години барем со првата доза до мај се чини изводливо.
Пораст на интересот за вакцинирање
Ставовите на јавноста значително се сменија во корист на вакцинацијата во текот на последните неколку месеци, додека значајниот скептицизам забележан претходно во пандемијата се чини дека стивна. Во февруари, 59% од испитаниците во истражувањето на Pulse/Skai изјавиле дека со сигурност ќе се вакцинираат, во споредба со 37% во ноември 2020 година. Во исто време, оние што категорично се спротивставуваат на вакцинирање, опаднаа од 14% на 8%. Одобрувањето и достапноста на вакцините, заедно со публицитетот што го доби успешното масовно вакцинирање во Израел, можеби помогнаа да се сменат ставовите на јавноста.
Поранешната анкета на Metron Analysis/Mega покажа дека ставовите за вакцината се поделени по генерациска линија, каде 80% од лицата постари од 65 години сакаат да ја примат, во споредба со 54% од лицата на возраст од 17 до 34 години.
Освен неделните брифинзи што се прикажуваат на телевизија, многу малку ресурси се инвестирани во кампањи за подигање на јавната свест за промовирање на вакцинацијата или за да се намали отпорот кон истата. Иако е очигледно дека единствениот ТВ-спот, кој содржи референци од филмови од 60-тите години на минатиот век, е впечатлив за постарата публика, се чини дека веројатно нема да ги убеди поскептичните помлади возрасни групи. Надежите се дека ќе следи попрецизно таргетирана кампања.
Ниски бројки помеѓу медицинските лица
Истовремено, стапката на вакцинација на медицинскиот персонал беше загрижувачки ниска. И покрај тоа што беа вклучени во првата приоритетна група, само 48% од здравствените работници во Грција ја примија првата доза, далеку под просекот на ЕУ од 60%, иако бројката на целосно вакцинирани здравствени работници е поблиску до европскиот просек од 44%. Прифаќањето е поголемо кај лекарите отколку кај медицинскиот персонал (77% лекари и 51% медицински персонал), поради што некои сугерираат дека процентот на прифаќање вакцина е поврзан со нивото на образование. Неодамнешните т.н. кластери што се направија во болниците се поврзани со невакциниран здравствен персонал. Воведен е режим на тестирање двапати неделно за невакцинираниот болнички персонал, со цел да се намали ризикот.
Грција моментално минува низ бран на зголемен број новозаразени. Додека креаторите на политиките се оптимисти дека вакцината ќе започне да има влијание, нема многу конкретни докази што покажуваат дека со сегашните (ниски) стапки на вакцинација се добива посакуваниот ефект на намалување на сериозните форми на болеста кај групите на вакцинирани лица. Надеж дава показателот од раководителот на комитетот за вакцинација кој неодамна изјави дека ниту едно вакцинирано лице не е примено во одделенијата за интензивна нега.
Прашања од јавен интерес
Најголемата контроверзија околу вакцинацијата вклучуваше политичари и луѓе со политички врски кои одеа преку ред, што фрли дамка на симболичното започнување на кампањата. Владата беше принудена да го скрати списокот на „суштински важен“ персонал вклучен во првата приоритетна група, откако неколкумина од нив, вклучително и помлади министри и функционери во нивните 40-ти и 50-ти години, објавија селфи од клиниките за вакцинација. Другите аспекти на програмата за вакцинација не беа следени со потребното внимание. Тука се мисли на процесот на набавка на медицински материјали, каде беа споменати случаи на купување по превисоки цени и монополско однесување во врска со набавката на брзи тестови.
Улогата на донациите од приватниот сектор во кампањата за вакцинација, исто така, останува недоволно истражена. Приватните донации, како што се оние од фондацијата „Ставрос Ниархос“, беа клучни во поддршката на здравствениот систем за време на пандемијата, а неодамна беше објавено дека голем инвеститор во недвижности и градежништво ќе го финансира вториот голем центар за вакцинација во Атина. Потенцијалните импликации од ваквите гестови за односот помеѓу државата и нејзината растечка листа на добродетели досега не биле дел од јавниот дискурс за здравствената криза.
Прашање кое најверојатно ќе стане горливо е идната насока на кампањата за вакцинација, откако владата навести дека околу 800 000 работници во туристичкиот сектор може да добијат приоритет за вакцинација, во обид да се започне туристичката сезона во мај. Повторното отворање на туризмот е еден од приоритетите на владата – секторот сочинува околу петтина од БДП на земјата и околу 10% од работните места, а можноста за уште едно „изгубено лето“ е нешто за кое креаторите на политиките не би сакале да размислуваат. Сепак, не се објавени повеќе детали за овој план.
Грчката влада под премиерот Кирјакос Мицотакис го предводеше „Дигиталниот зелен сертификат“ на ЕУ, сертификат делумно заснован на статусот на вакцинација, во обид да го олесни прекуграничното патување и да му помогне на туризмот. Сертификатот најверојатно ќе биде одобрен откако Европската комисија се согласи да продолжи со планирањето, иако многумина се сомневаат дека шемата ќе профункционира навреме за почеток на грчката туристичка сезона, која е закажана за 14 мај.
Острови ослободени од Ковид
Од друга страна, концептот на „острови без Ковид“, кој за кратко се вртеше по меѓународните медиуми, пред да биде отфрлен од владата, задржува дел од својата актуелност во круговите за туристички маркетинг и покрај практичните и етичките дилеми што се поставуваат во врска со него. Иако некои оддалечени острови постигнаа речиси целосна покриеност со вакцинацијата, тоа очигледно беше направено од практични причини, за да се избегне повторното доставување мали количини на вакцини.
На 23 март, Грција официјално ги отвори своите граници за израелските посетители со доказ за вакцинација, прележан Ковид-19 или негативен ПЦР тест, во она што владата очигледно се надева дека ќе биде пилот за пошироко повторно отворање во мај, за кое ќе се користат слични критериуми. Имаше силни критики за начинот на кој повторно се отворија границите во јуни 2020 година, одлука што беше проследена со разочарувачки приходи и вртоглаво зголемен број на случаи. После тоа, речиси половина од граѓаните го обвинија туризмот за напливот на нови зарази. Владата, пак, остро негира каква било поврзаност и се чини решена да продолжи со повторното отворање. Овој потфат се чини особено кихотски, имајќи предвид дека земјата во моментов се бори со највисоките стапки на зараза до сега во пандемијата, поради кои постојано се одложува повторното отворање на поголемиот дел економски дејности по повеќе од четири месеци неработење наложено од владата.
Дали вирусот ќе стивне до летово?
Владата се надева дека зголемените стапки на вакцинација и повисоките температури ќе ги намалат бројките на нивоа што може да се контролираат, со што ќе можат безбедно да ги пречекаат посетителите – за доброто на економијата. Бројките укажуваат дека тоа ќе биде стратегија со повисок ризик отколку што јавно се признава. Стапките на вакцинација во земјата ќе останат далеку под прагот на имунитет на населението од 70%, дури и ако сегашното темпо на вакцинација се пресмета со повисока ефикасност во текот на следните неколку месеци.
Во меѓувреме, секој план за пренасочување на вакцините селективно кон специфични професии или економски сектори, веројатно во практиката ќе биде тешко остварлив, ќе предизвика раздор и веројатно ќе биде неефикасен како одбрана од вирусот. Сепак, сите овие прашања допрва ќе се појават целосно во јавниот дискурс, кој во моментов е фокусиран на понепосредни грижи, како што се состојбата на здравствениот систем и изгледите за повторно отворање на домашната економија.