Груевски до Нуланд: Опозицијата да се обврзе дека ќе учествува на изборите

Сподели

Gruevski-Nuland-860x680

Изборите се единствен излез од наметната политичка криза и ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за нив, но, за тие да се случат, потребно е опозицијата да се обврзе дека сите услови за нивно одржување се исполнети и дека ќе учествува на нив. Ова го истакнал лидерот на владејачката партија, Никола Груевски, на денешната средба со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот, Викторија Нуланд.

Груевски и Нуланд, како што стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ за средбата, се сложиле дека за надминување на кризата потребен е ангажман и придонес „од сите политички чинители во постигнување на решенија кои ќе внесат доверба во процесите“.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, посочи дека изборите се единствен излез од политичката криза наметната од опозицијата, дека ВМРО-ДПМНЕ ги посакува и е подготвена за нив, но го посочи и фактот дека за да тие се случат, потребно е обврзување од страна на опозицијата дека сите услови за избори се исполнети, нема пречки за нивно одржување и дека ќе учествуваат во нив, за да не се создаваат нови изговори за нивно ново одложување“, стои во соопштението од владејачката партија.

На средбата било истакнато дека врвен интерес на ВМРО-ДПМНЕ е напредокот во интеграциските процеси, членство во НАТО, како и спроведување на интензивната реформска агенда поврзана со ЕУ.

„Претседателот Груевски се заблагодари за досегашната поддршка на САД, со што беше договорено интензивната комуникација да продолжи и во идниот период за сите прашања и области од заеднички интерес“, се додава во соопштението.

meta.mk