Никола Груевски вчера после средбата со Јоханес Хан, не сакаше да биде снимен и не даде никаква изјава за разлика од лидерите на сите останати парламентарни партии. Денеска ВМРО-ДПМНЕ излезе со детали за средбата:
На средбата, која, според договореното, почна во 20:45 часот и траеше два часа, беа отворени повеќе теми. Главни теми беа организирањето и резултатите од изборите, постизборниот период и обидите за создавање коалиција, зрелоста на ситуацијата за нови парламентарни избори, кои би се организирале заедно со локалните, дебатите за Законот за употреба на јазиците, СЈО, пларформата на албанските партии, ризиците од користењето на оваа платформа како начин за репреговарање на Охридскиот рамковен договор, плановите и целите доколку ВМРО-ДПМНЕ формира влада, вклучувајќи ги и реформите, воспоставената практика за коалицирање во Македонија по принципот победник со победник, предностите и слабостите на широките коалиции и искуствата на Македонија со вакви коалиции.
На прашањето на медиумите како поминала средбата со еврокомесарот Хан, директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, рече дека ВМРО-ДПМНЕ ја искористи можноста во детали да го запознае комесарот со случувањата и да ги аргументира сета своја политика и одлуки. Притоа, вели Котевски, ВМРО-ДПМНЕ ги презентира своите позиции во однос на овие прашања користејќи ги аргументите, кои во последните неколку недели ги презентира пред јавноста во различни форми на комуникација.
Комесарот Хан ги изнесе своите размислувања, кои се идентични со неговите јавно искажани ставови на вчерашаната прес-конференција, како и низ формата на препораките што претходно беа испраќани преку прес-конференциите на портпаролите на ЕУ, при што беше нагласено дека ЕУ не сака да се меша во тоа кој со кого ќе коалицира и какви одлуки ќе донесат македонските партии во однос на креирањето колиција и влада – изјави Котевски за медиуми и додаде дека средбата била корисна за меѓусебно информирање и аргументирање на ставовите и објаснување на принципите за сите позиции по различните прашања.
ВМРО-ДПМНЕ, потсетува тој, е партија, чијашто платформа и стратегија се зачленување на Република Македонија во ЕУ.
На крајот, делегацијата на партијата му заблагодарила на комесарот Хан за напорите да ѝ помогне на земјата., стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.