ГРУЕВСКИ НЕМА ДА ИЗБЕГА – Ерол РИЗАОВ

Сподели

Груевски нема да избега од Македонија. Тоа би било добро да се случи оти ќе значи признавање на вината. Но, тоа воопшто не значи дека Груевски сака да се соочи со правдата. Напротив, тој и сега, додуша индиректно, но сепак им се закани на апелационите судии и не само на нив: „Немам намера да избегам, ќе се вратам на власт“. Што ќе биде потоа треба да размислат и судиите и сите негови политички противници и критичари. Груевски никогаш не сакал да се соочи со правото и правдата и да препушти на судот да ја докаже неговата вина, односно тој да ја докаже својата невиност. Напротив, таа работа Груевски сака да ја реши без суд и без судење, дури и кога беше премиер и кога имаше најголемо влијание врз правосудниот систем на Македонија, кога телефонски се нарачуваа пресуди, Груевски бегаше од судска разврска.

Што мислите зошто Груевски не сака да седне на обвинителна клупа и од таму да се бори за својата правда, ни кога судот е негов. Знаете во судските процеси се случуваат многу непријатни работи, сведоштва, толкувања на вештаци, експертизи, адвокати, разни изненадувања и конечно медиумски спектакл. Тоа е премногу и за еден осредно осилен технократ, а да не зборуваме за политичар кој цела деценија владее авторитарно без никаква контрола и почит кон уставноста и законитоста, со грубо кршење на човековите права и слободи, со газење на слободата и демократијата, на граѓанските права, газење врз медумската и судската независност. Основаните сомненија за серија тешки кривични дела каде што и тој лично е учесник, Груевски ги осопорува само со празни зборови дека се работи за политичка пресметка и завера на меѓународната заедница против  Македонија и против него лично. Се разбира, тоа е многу полесно да се каже на конференција за печат, на митинг, или во парламент, но многу е тешко да се тврди како  аргумент во судска сала каде има многу посуштински прашања и докази.

Практично Груевски ги потроши сите шанси да го ублажи ударот од неговото  деспотско владеење. Сега единствена тенка надеж му се локалните избори. Велам тенка бидејќи резултатите од локалните избори не би можело и не би смеело да ја попречат правдата и  владеењето на правото, дури и кога мнозинството граѓани би гласале за корумпирани политичари и партии. Груевски уште игра на картата на избори оти не се доволни неговите  отстапки со принудување на оставки на неговите најблиски соработници, па ни со поднесување на неговата оставка, кои не беа дадени на време, туку беа изнудени под силен притисок на домашната јавност и на меѓународната заедница. Не беше доволно за одбегнување на правдата од тешките злоупотреби на власта ни согласноста за  формирање на Специјалното обвинителство, мислејќи дека и оваа инстутиција брзо ќе падне под партиска контрола. Ама ете, имало и обвинители со образ и професионална чест. Вистинските шанси на Груевски да се спаси и себе и партијата и угледот на државата беа кога го посети лидерот на опозицијата Зоран Заев да му каже за неговото најголемо злодело во историјата на независна Македонија кое е направено во простории на МВР,  најголемото нарушување на човековите права кога над 20.000 граѓани на државата, познати јавни личности, високи функционери, политичари, пратеници, новинари, судии… биле прислушувани, однсоно нивните комуникации биле под строг надзор повеќе години.

Ако Груевски за тоа не знаел ништо, или подобро кажано, ако нема докази дека знаел и  дека ги користел прислушуваните разговори, доволно е само поради таквата хаварија во безбедносниот систем во земјата кога некој со години прислушкувал непречено, да поднесе моментално оставка со оглед на димензиите на злосторството, а со тоа да повлече оставки и на сите одговорни во ланецот за безбедност на државата. Со моралната оставка Груевски требаше да побара брза судска непристрасна истрага. Во тој  случај Груевски со својот морален чин можеше да ја спаси партија и да го зачува угледот на државата. Наместо тоа, Груевски одбра да го тужи гласникот на лошите вести толкувајќи го како уцена и да бара излез во вонредни парламентарни избори. Груевски впрегна огромна медиумска машинерија и фрли милиони евра пари на граѓаните да докажува преку митинзи и протести дека обвиненијата за кримијнал и корупција, за незаконска пресметка со политичките противници и за уништувањае на туѓ умот, за судски влијанија и нарачани пресуди се дело на Сорос, на Америка и на ЕУ, на домашните непријатели и предавници, странски платеници…

Тоа беше тежок период кој ќе влезе во поновата историја на Македонија како еден од најмрачните, време на ужасни пропаганди и директни закани, трагични пресметки со новинарите, со медиумските куќи, нивно корумпирање, драконско казнување и затварање на непослушните, нешто што Македонија во вакво тоталитарно издание никогаш го немала откако има држава цели 73 години. Откако црниот бран на пропаганди не успеа да донесе 63 пратеници и мнозинство за формирање на влада и избегнување на правдата, Груевски  одлучи да не ја предава власта. Во тоа му помогнаа насилничките вмровски чети и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, кој до крај ја задржа својата лакејска позиција и кон ВМРО-ДПМНЕ и кон Груевски. Претседателот Иванов направи таква серија на грешки и бесмислености кои не само што го срозаа до крај угледот на државата и на функцијата претседател, туку лично учествуваше во попречување на првадата и деградација на целиот правосуден систем. Тоа беше катастрофален однос на еден универзитетски професор на правниот факултет, кој  не успеа ниту еден ден од двата мандати да биде  претседател на сите граѓани, туку цело време помирливо, како половичен претседател да претставува само дел од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, главно, клиенти на партискиот врв. Опструирањето на Груевски да се предаде власта со месеци по изборите  предизвика уште поголема политичка и безбедносна криза во Македонија која ќе завршеше со воведување на класична диктатура ако не беше налудничавата нарачка со насилните вмровски чети и со учество на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, со директна инволивираност на високи началници и функционери во полицијата и голем број  специјалци, да се предзвика крвопролевање во Собранието на Република Македонија. Тој  неуспешен пуч, кој требаше да резултира со воведување на вонредна состојба и диктатура, всушност ја прели чашата и во земјата и во светот конечно да му се обрне поголемо внимание на диктаторчето од западен Балкан.

И еве сега Груевски повторно јава на погрешен коњ, наместо да бара како „невин“ праведна судска разврска, повторно инсталира црна кампања за изборна победа на комунални избори за да се врати на власт и да ја одбегне правдата. Се јавија неколку разумни луѓе во ВМРО-ДПМНЕ со барање Груевски да ја ослободи партијата од себе и да се тргне оти власта има мандати, не е вечна, има крај, а партијата е многуподолговечна и поважна од власта. Но, соочен со последиците ако падне и последниот бастион на груевизмот какви сè  гуштери и алигатори и какви сè злоупотреби ќе излегуваат на виделина, Груевски практично и нема друг избор освен со ореол на страдалник  да бара победа на локалните избори и тие да се признаат како парламентарни.

Несреќата е во тоа што ако актуелната власт, која го има мнозинството, не успее да го ослободи судството за  да се процесуира правдата, и конечно да седнат осомничените  на судска  клупа кои ќе бидат донесени со полициско комбе од притвор, опструкциите можат да продолжат до таа мерка да не се види дека поразот на локалните избори на ВМРО-ДПМНЕ може да биде многу надежен за Македонија и за нејзината иднина. Не е  можна ниту една реформа, ниту враќање на довербата на јавноста ако нема праведна и непристрасна судска разврска. Само тоа би означило сигурен почеток на крајот  на груевизмот. Груевски засега исполнува само еден услов да не оди во притвор, а тоа е дека нема да избега бидејќи во неговата желба за враќање на власт никој не треба да се сомнева. Тоа го докажа безброј пати во изминатите 11 години. Сите други предуслови да му се одреди мерката притвор дебело ги исполнува. Особено неговото влијание врз сведоците, но и врз судството.

Ерол Ризаов