Груевски оди во четворката против Заев

Сподели

collage-gruevski-zaev-860x680

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вечерва преку својата официјална страница на Фејсбук соопшти дека изборната битка против лидерот на СДСМ, Зоран Заев ќе ја бие во четвртата изборна единица.

„…како кандидат за премиер, го очекував во ИЕ1. Не дојде. Во 2014-та го немаше на ниту една листа. Сега ја одбра 4-тата изборна единица. Затоа јас решив да ја предводам изборната единица која тој ја одбра. Освен што цела Македонија ќе треба да се одлучи за премиер помеѓу нас двајцата, граѓаните во 4-ката ќе имаат можност и директно да одберат помеѓу мене и него. Време е, заедно со народот, да го соочам со реалноста и директно да го победам. После се што се случи, да го добие одговорот од народот за тоа што и го направи на Македонија…“, напиша Груевски.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ пред малку ги достави до ДИК листите на кандидати за пратеници на предвремените парламентарни избори, закажани за 11 декември. Неполн час пред завршувањето на крајниот рок за доставување листи.

Според објавените листи, Никола Попоски во едницата ќе си ги одмери силите со Стево Пендаровски од СДСМ, Ивон Величковски од ЛП, Димитар Апасиев од Левица, Артан Груби од ДУИ, Идриз Орана од ДПА, Павле Трајанов кој ја предводи листата на Коалиција за промени и правда, Ден Дончев кој е носител на листата на Коалиција „ВМРО за Македонија“, како и Зеќирија Ибрахими од НДП и Беса.
Во втората изборна единица, Никола Тодоров ќе се бори против Оливер Спасовски (СДСМ), Јове Кекеновски (Коалиција за промени и правда), Љупчо Балковски (Коалиција „ВМРО за Македонија“), Кире Бузлиев (ЛП), Трајче Стојанов (Левица), Ејуп Халими (ДУИ), Орхан Ибраими (ДПА) и Африм Гаши (НДП и Беса).

Илија Димовски е адутот на Коалиција за подобра Македонија за третата изборна единица, каде носители на листи се и Љупчо Николовски од
СДСМ, Данчо Марковски од Либерална партија, Марија Џонс од Левица, Нафи Дурмиши од ДУИ, Самир Рушити од ДПА, Весна Стојменовска од Коалиција за промени и правда и Стојанче Ангелов од Коалиција „ВМРО за Македонија“.

Во четворката, покрај Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев носители на листите се и Даница Јованова од Либерална партија, Митко Николов од Левица, Артин Спахиу од ДУИ, Слободан Богоевски од Коалиција за промени и правда и Љубчо Георгиевски од Коалиција „ВМРО за Македонија“.

Во петката Антонио Милошоски од Коалиција за подобра Македонија како противкандидати ќе ги има Радмила Шеќеринска од СДСМ, Александар Делов од Коалиција за промени и правда, Љубе Бошкоски од Коалиција „ВМРО за Македонија“,Кице Мицковски од Либерална партија, Здравко Савески од Левица, Агим Шаќири од ДУИ, Адријан Усеини од ДПА и Арбен Лабеништи од НДП и Беса.

За последната шеста изборна единица, Коалицијата за подобра Македонија го избра Влатко Ѓорчев, кој како противници ги има Петре Шилегов од СДСМ, Бранко Мајсторовски Либерална партија, Билал Касами од НДП и Беса, како и лидерите на двете најголеми албански партии, Али Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА.