Во галеријата на Младинскиот културен центар вечер од 20 часот ќе биде отворена групната изложба „Млада уметност“, на која ќе бидат претставени над 20 млади автори.
Како што информираат од МКЦ, на изложбата ќе учествуваат младите уметници: Стефан Анчевски, Јоана Арсовска, Тамара Блажевска, Елена Гелева, Ивана Ивановска, Зафир Јованов, Методија Јованов, Павел Јовановски, Дурмиш Ќазаим, Ваџит Ќерими, Саре Ќерими, Давор Ќешкец, Ана Костовиќ, Петар Миљковиќ, Ивана Мојсовска, Сандра Нау, Доротеј Нешовски, Симона Новаковиќ, Ивона Петрова, Мартина Спасовска, Олимпија Камчева, Ана Тодоровска, Никола Тренов, Риџет Ферати и Димитар Чакар.
– Со самото поставување на дела од разни автори во еден заеднички простор, изложбата „Млада уметност“ потхранува дијалог меѓу уметници кои живеат и творат во ист социјално-културен предел. Тој заеднички простор сега е плодно поле за размена на идеи, искуства, инспирации, за менторство и колаборација – наведуваат во најавата за изложбата од МКЦ.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.