Поранешната директорка на скопската Клиника за гинекологија, Марија Хаџи-Лега испрати демант за обвинувањата дека ја оштетила Клиниката за 150.000 евра за набавка на апарат и тестови во функција „само за истражувачки цели“, за кои персоналот не бил известен, не бил обучен да ги чита резултатите, ниту, пак, од пациентките се барала согласност врз нив да се примени таа метода. Демантот го пренесуваме по барање на Марија Хаџи-Лега
“На Универзитетската Клиника за Гинекологија и акушерство во текот на првата половина на 2017 беше имплементирана најнова метода (хромозомска Microarray анализа) во цитогенетската лабараторија и лабараторијата за молекуларна дијагностика.
Се работи за високо софистицирана метода со која всушност се откриваат таканаречени микроделеции и микродупликации во хромозомите а кои всушност резултираат во генетски синдроми кои понатаму се манифестираат со пречки (психомоторни и интелектуални) во развојот на новороденчињата како и аутизам. Овие дечиња со пречки во развојот понатаму претставуваат голем товар на општеството а пред се на семејството.
Со оваа метода се овозможува кај трудниците кои имаат одредена мајорна аномалија на ултразвук во тек на скрининзите во бременост и кои имаат зголемена т.н. нухална транслуценца во тек на скринингот во првиот триместар или оние кои имаат одредени т.н. софт маркери на прегледот за скрининг во тек на вториот триместар (20-22 гестациска недела) а кои се асоцирани со одредени хромозомопатии и генетски синдроми (зголемен нухален набор, аберантна десна субклавијална артерија, обостран еквиноварус, хиперехогени црева како и комбинација на неколку такви таканаречени софт маркери) или пак оние кои имаат анамнеза за генетско оптоварување (претходно детенце со пречки во развојот и со одредени генетски синдроми или родители носители на некоја промена на хромозомите) а кои понатаму прават инвазивна дијагностичка процедура-амниоцентеза и корионбиопсија да им се даде можност од амнионската течност освен оној класичен кариотип кој досега беше единствена можност на нашите простори (а кој нема можност за откривање на микроделеции и микродупликации кои резултираат понатаму со деца со пречки во разојот) да им биде направена оваа microarray хромозомска анализа со која би се детектирале овие микро промени на хромозомите кои со класичната метода немаат можност да бидат откриени.
Со ова на идните родители им се овозможува уште рано во бременоста да имаат информација дали нивното детенце има одредена микроделеција која всушност понатаму во животот се манифестира со пречки во психомоторниот развој, аутизам (секако во склоп на различни генетски синдроми) и дава можност да одлучат дали ќе ја продолжат бременоста и се спремни да го носат тој товар (секако дека е неопходно генетско советување и советување од субспецијалист перинатолог за да идните родители ги добијат неопходните информации).
И секако дека имплементирањето на оваа метода е согласно Guidelines на најзначајните здруженија на Гинеколози и акушери, на перинатолози и генетичари (ACOG-American College of Gynecology and Obstetrics, RCOG-Royal College of Obstetricians and Gynecologysts, Italian Society of Perinatal Medicine, Канадското Здружение на Гинеколози и акушери итн) и согласно Медицина базирана на докази.
Покрај дијагностика за фетуси во утробата на мајката методава се применува и за откривање на вакви синдроми и кај новороденчиња кои покажуваат одредени каректеристики за генетски синдром а кај кои со класичната метода би добиле уредни хромозоми. За ваквите иследувања родителите до сега мораше да патуваат во околните земји.
Воведувањето на методата бараше голем ангажман на биолозите и генетичарите од цитогенетската лабараторија и лабараторијата за молекуларна дијагностика кои поминаа дополнителна обика од страна на фирмата добавувач и за што добија сертификати за успешно завршена обука од страна на америчката компанија која ја произведува платформата Affymetrix на која се прават овие анализи (и која е гратис добиена за успешно имплементирање).
За жал после валидизирање на методата и нејзино усвојување по изведување на 20 тестови и покрај тоа што реагенсите за нејзино изведување постојат на клиниката (се набавени и платени бидејќи визијата беше да се работи) од моментот на промена на раководните структури како на Клиниката така и на одделот за Високо ризична и Патолошка бременост методата од причини познати само на директорката Јовановска од јули 2017 не се употребува со што намерно се остави реагенсите да бидат при крај со рокот на употреба, но исто така жално е што идните родители, новороденчињата и фетусите како пациент се лишени од нивното право – Правото на родителите да знаат дали можеби нивното потомство ќе биде детенце со посебни потреби и пречки во развојот (различни генетски синдроми) а тоа не може да биде откриено со класичната метода која досега се практикуваше.
Впрочем тоа право е и дел од Кампањата на УНИЦЕФ а чиј подржувач е и Владата на Република Македонија – Биди фер,за детство без пречки.
Се надевам дека оваа „афера“ ќе го крене гласот на идните мајки и мајките кои имаат вакви дечиња. Жално е во 21-ви век нешто што е за напредок на медицината и научната мисла да биде исфрлено, а се посебно затради тоа што се работи за услуга која е покриена од фондот за здравствено осигурување и Клиниката не само што не би била оштетена туку и ќе оствари профит. Имено Фондот за здравствено осигурување овој вид на тест го покрива во висина од околу 70.000 денари а тестот клиниката ја чини околу 25.000 денари и таквата услуга е предвидена во системот за „мој термин“.
Скандалозната изјава на директорката Јовановска за криминогеноста на воведување на оваа метода ја базира на „стручната“ анализа на „дисциплинската комисија за одредување на факти“ (нешто непостоечко во терминологијата на клиниката) составена од еден професор од областа на урогеникологија, еден субспецијалист од областа на урогинекологија и субспецијалист од областа на перинатологија кои немаат ниту еден ден работно искуство на одделот за патолошка и високоризична бременост и пренатална дијагностика. Еден од „мериторните“ членови на посочената комисија е потписник на документот на комисијата за набавките за „спорната“ дијагностичка метода. Секако многу значајно е да се напомене дека набавката и имплементацијата на овој вид на лабораториска метода беше предвидена во планот за набавки за 2017 година и секако тој план за набавки беше одобрен од Управниот одбор на ЈЗУ „Клиника за гинекологија и акушерство“ а набавката беше спроведена цспоред позитивната законска регулатива.
Очигледно станува збор за тенденциозни изјави од страна на Др.Јовановска Викторија со кои сака да го наруши мојот углед и кредибилитет,поради што очекувам јавно извинување или во спротивно ќе биде поведена судска постапка за изнесените навреди и клевети.
Во прилог сите светски Guidelines како и листа на синдроми кои можат да бидат откриени, објави во своето писмо Доц.Др.Марија Хаџи Лега, Специјалист Гинеколог-акушер, Субспецијалист по перинатологија.