Хаџиев: Граѓаните имаат 3,8 милијарди евра во банките, депозитите безбедни

Сподели

Депозитите на граѓаните во банките и штедилниците во земјава се безбедни и сигурни, оценува директорот на Фондот за осигурување депозити на Република Македонија Борче Хаџиев во интервју за МИА во пресрет на Светскиот ден на штедењето – 31 октомври.

– Штедните влогови на секој штедач во висина до 30 илјади евра во денарска противвредност се осигурани во Фондот и се безбедни. И ако некоја банка или штедилница има некој ризичен настан тие штедачи се обесштетуваат – појаснува Хаџиев.

Податоците на Фондот покажуваат дека во моментов македонските граѓани имаат 3,8 милијарди евра заштеда во банките и штедилниците во земјава.


– Повеќе од половина или 50,5 проценти, како што рече Хаџиев се во денари, а 49,5 проценти во евра.
Според него поголемиот дел заштеди во денари најверојатно се должи на повисоките каматни стапки на овие штедни влогови, но и на стабилниот курс на денарот.

Порачува граѓаните само да штедат и дека не е важно во која валута.

Граѓаните најмногу им веруваат на големите банки и таму се и најголемиот број депозити.
Тој додава дека најголемиот број штедни влогови се до 30 илјади евра.

-Тој износ е гарантиран, но има и депозити над овој износ. Поголем дел се до 30 илјади евра. Граѓаните го знаат тоа и сами го дисперзираат ризикот со ставање депозити во повеќе банки или на повеќе лица од фамилијата –  рече во интервјуто директорот на Фондот за осигурување депозити.

МИА