Германскиот пратеник за политичката криза во Македонија, Јоханес Хајндл, имал средби во Атина, во грчкото министерство за надворешни работи. Од грчкото МНР не ја потврдуваат официјално посетата, но неофицијално дипломатски извори потврдуваат за „Мета“ дека Хајндл бил неделава во Атина.
Според неофицијалните информации, германскиот посредник разговарал со политичкиот директор на министерството, Петрос Мавроидис, кој е директно ангажиран околу македонско-грчките разговори за мерките за градење доверба.
Средбата била непосредно по понеделничката рунда разговори меѓу претставниците на грчкото и на македонското министерство за надворешни работи, за мерките за градење доверба.
Иако нема информации за тоа што точно разговарале Хајндл и претставникот на грчкото МНР, грчки аналитичари што ги следат македонско-грчките односи истакнуваат дека најверојтно бил заинтересиран да ги слушне грчките ставови околу македонската политичка криза.
Проценките во Грција се дека е мала веројатноста грчката страна да е заинтересирана периодов за решавање на спорот за името, имајќи ги предвид општествените и политичките турбуленции во Грција.
Исто така, опозицијата често ја обвинува владата на Алексис Ципрас дека не се однесува доволно патриотски и дека има министри кои ја именуваат Македонија под уставното име.