Хан до Иванов: Во демократски земји, претседателот во вакви моменти си седи дома

Сподели

Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, во интервју за „Канал 5“, рече дека не сака да ја коментира одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не се сретне со него, но, сепак, порача дека во вакви важни моменти, би било подобро да е во земјата наместо да патува во странство.

– Ја почитувам институцијата шеф на држава. Во демократски земји, не би сакал да коментирам, но, во вакви времиња, особено е важно да се биде во земјата и да се врши улогата на претседател, која е решавачка. Сметам дека сите очекуваат да учествува во проактивна улога и да придонесува за мирно решение во тековните преговори – рече Хан.

На прашање дали ќе ја осуди платформата на албанските партии, тој рече дека важно е да се почитуваат различните етнички заедници, да се живее мирно и граѓаните да се почитуваат едни со други.

– Разбирливо е различни делови од општеството да имаат различни погледи, но тоа што го слушав денеска во сите мои разговори е дека се посветени на Уставот и на негово почитување. Сметам дека владината програма е одлучна и тоа е нешто за што политичките партии и нивните претставници треба да преговараат – рече Хан.

Во однос на правилото победникот од македонскиот политички блок да коалицира со победникот од албанскиот, Хан вели дека треба да се следи Уставот и дека можни се два погледа на тоа кој е победник на изборите.

– По изборите може да има различни дефиниции за победник или губитник. Победник може да биде партијата која е број еден, но победник можат да бидат и партиите што освоиле пратенички места. На крајот, најважно е кој ќе биде во можност да обезбеди сигурно мнозинство во парламентот – вели Хан, додавајќи дека на земјата ѝ е потребна стабилна влада, која ќе биде посветена на реформските приоритети.

meta.mk