Хазби Лика: Зошто го „закопувате“ Охридскиот договор?

Сподели

Распуштањето на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор предизвика раскол во ДУИ. Преку реакција, вицепремиерот надлежен за спроведување на Охридскиот договор, Хазби Лика, тврди дека за оваа иницијатива на ДУИ, тој како носител на функција и како втор човек на владата, не бил воопшти запознаен. Лика преку неговата реакција бара политичките фигури да кажат каков е планот за судбината на Охридскиот договор. Дури според него, слично барање било упатено и до Али Ахмети, чија средба Лика ја нарекува задоцнета.

„Јас како претставник на ДУИ во владата на Република Северна Македонија на функцијата вицепремиер ангажиран за спроведување на Охридскиот договор и политички систем, не сум запознаен, ниту консултиран за иницијативата или составувањето на законот, алудирајќи на надлежностите кои ќе ги носи новата институција која се формира и поврзаноста која ќе ја има со Охридскиот мировен договор. На последната средба со лидерот на партијата, иако задоцнета, сепак побаравме да се отвори дебата и да се дискутира околу оваа иницијатива со сите партиски органи, но и со заинтересираните страни надвор од партијата, со цел зачувување и наследување на вистинските вредности кои произлегуваат од Охридскиот договор“, рече Хазби Лика, Вицепремиер.

За овие ставови на Лика реагираа од ДУИ. Меѓу другото оттаму наведуваат и дека самиот Лика на таа функција бил избран за да ја спроведе изборната програма, а не за да отсуствува од работа.

„ДУИ ја потсетува пошироката јавност во земјава дека иницијативата за унапредување и трансформирање на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците потекнува од квалитетната Анализа за Охридскиот договор од 2015 година, од изборната платформа на ДУИ ‘2020’, од Заедничката изјава на албанските политички партии. Пратениците, исто како и министрите кои се избрани во овој парламентарен и владин состав се избрани врз основа на ветената програма на изборите во 2016 година“, велат од ДУИ.

Реакцијата на Лика следува по онаа на поранешните војници на ОНА кои своите барања ги доставија до Секретаријатот со цел овој владин орган да не се затвори. Иако барањата ги доставиле до Лика во својство на соборец, тој реши да реагира еден ден пред предлогот да биде ставен пред пратениците. Имено, Лика во последно време беше запаметен како вицепремиер кој со месеци не се пријавуваше на работното место, за што во јавноста не даде никакво објаснување. Неговото отсуство не го оправда ниту лидерот на неговата партија. Од друга страна, премиерот Заев неколку пати најавуваше негово разрешување бидејќи не се појавувал на владините седници. По иницијатива на ДУИ, односно официјално по иницијатива на група пратеници, Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор се предлага да се трансформира во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Пратениците преку посебен предлог-закон сугерираат ова министерството, освен надлежностите на Секретаријатот, да преземе и дел од надлежностите од министерствата за образование и за култура. Во составот на ова министерство би функционирале управа за развој и унапредување на образованието на јазикот на припадниците на заедниците и управа за зближување и унапредување на културата на припадниците на заедниците.