“Поттикнат од серијата новинарски приказни за организирани тепачки меѓу малолетници во скопската населба Капиштец, Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира до сите надлежни институции итно и ефикасно да постапат во овие случаи на брутално поттикнување на насилство помеѓу деца.
Покрај повеќето пријави, поднесени од очевидци, до полицијата, Министерството за внатрешни работи сè уште не споделило информација со јавноста за своето постапување во однос на организираните борби меѓу деца, за чие следење и се наплаќало, што создава дополнителни причини за загриженост.
Нагласуваме дека овие вознемирувачки случаи, за жал, ја илустрираат општата состојба со насилството кај младата популација. Не смее да се игнорира фактот дека во земјава голем дел од жртвите и сторителите на злосторства од омраза се млади лица, ниту пак да се занемарува зголеменото вербално и физичко насилство помеѓу врсниците во училиштата и надвор од нив. Според податоци на УНИЦЕФ за 2018 година, 42 отсто од учениците во земјава на возраст од 13 до 15 години пријавиле дека доживеале врсничко насилство.
Поради загрижувачките димензии на оваа појава, во превенцијата и справувањето со неа мора да се вклучат и Министерството за образование, образовните установи, општините, родителите, но и самите деца. Опасниот тренд на нормализација на насилството кај децата може и мора да се прекине само со сеопфатен пристап од сите вклучени страни. Во спротивно, пасивноста, игнорирањето и отсуството на реакција ќе предизвика далекусежни последици за целото општество.
Од тие причини, брзото расчистување на овој конкретен случај, како и соодветното санкционирање на организаторите е од посебна важност и затоа Хелсиншкиот комитет активно ќе го следи постапувањето на повиканите институции” – соопштуваат од Хелсиншки Комитет.