Хелсиншки комитет: Напредок на условите во затворите, но треба да се сработи повеќе

Сподели

 

Постои напредок во состојбата во која се наоѓаат казнено – поправните установи во земјава, но во наредниот период ќе треба да се издвојат повеќе средства во нив и да се пронајдат систематски решенија. Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска го презентираше Извештајот за состојбите и условите во казнено – поправните установи во Македонија.

Извршната директорка, Уранија Пировска, оцени дека е постигнат напредок во соработката со Управата за извршување на санкции, којшто започна по заедничката посета на Идризово со премиерот Заев и Народниот правобранител. Напредок е забележан и во намалување на пренатрупаноста во затворите, што се должи на донесениот Закон за амнестија, но и на новиот павилјон изграден по сите стандарди за околу 600 затвореници во најголемиот затвор во земјава. Наскоро ќе се пушти во употреба и новиот малолетнички затвор во Тетово.

Сепак, во извештајот на Хелсиншкиот комитет остануваат констатирани многу предизвици поврзани со казнено – поправните установи за кои треба систематизиран пристап во работењето во наредниот период.

– Буџетот за казнено – поправните установи од лани е намален за 60 отсто што се одразува и на снабденоста со храна и хигиенските услови. Мора да се одвојат повеќе средства за оваа популација. Не станува збор за една институција, туку сите да си ги почитуваат своите обврски и да издвојат поголем буџет. Самите луѓе кои работат во установите се соочуваат со предизвици, ниски плати, влијанија врз нивната психичка состојба – посочува Уранија Пировска.

Во периодот од февруари до септември 2019 година, претставниците на Хелсиншкиот комитет за човекови права оствариле еднодневни посети во 10 од 11 казнено – поправни установи во земјава, како и три дополнителни посети во КПД Штип, КПУ Куманово и КПУ Охрид. Притоа, утврдено е дека во ниту еден затвор нема образование, додека едукацијата на затворениците е сведена на ниво на пилот проекти финансирани од меѓународната заедница. Воедно, затворите низ земјава се соочуваат со недоволно лекарства и медицински персонал.

Најновиот извештај за состојбата и условите во македонските затвори е подготвен во рамките на проектот „Живот зад решетки“ поддржан од страна на Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.