Хелсиншки комитет: Права, надзор и поголема заштита за мигрантите во државата

Сподели

Бегалската криза не смее да се смета за завршена, иако бројот на бегалци и мигранти кои лани влегоа во Македонија е намален во споредба со 2016 година. Државата мора да продолжи да ги гради своите капацитети за да може непречено да ги гарантира основните човекови права и слободи на бегалците и мигрантите на нејзината територија, како и итно да престане со нелегалното, групно „депортирање“ на овие луѓе кон соседните земји. Ова се дел од заклучоците кои Хелсиншкиот комитет за човековите права на Македонија ги истакна во Годишниот извештај за 2017 за утврдените состојби и почитувањето на правата на бегалците, мигрантите и барателите на азил кои транзитираа низ земјава.

Во рамки на дискусијата за истражувањата беше разгледано и прашањето за продолжување на кризната состојба на јужната и северната граница во земјава. Препораката е дека Собранието треба да прогласи продолжување за да се следи ситуацијата на терен, да се подобри состојбата на транзитните кампови како и третманот на бегалците.

Хелсиншкиот комитет истакнува дека официјалната статистика на институциите покажува оти во Македонија во 2017 година, бројката на бегалци и мигранти во прифатните кампови не надминал 200 лица.

Во текот на минатата година низ Македонија поминале бегалци од повеќе земји, при што најбројни биле луѓето од Авганистан, Сирија, Пакистан, Иран и Ирак. Поретко се среќавале бегалци и мигранти со потекло од Мароко, Алжир, Либија, Палестина, а кон крајот на 2017 биле регистрирани неколку турски државјани кои бегале од политички прогон.

Хелсиншкиот комитет препорачува да се воспостави систем на навремено регистрирање на сите бегалци и мигранти што транзитираат низ земјава, за да може да се следи нивното движење и да се зголеми заштитата на нивните човекови права. Да се гарантира правото на барање азил за сите бегалци, мигранти и странци задржани на територијата на Македонија без условување од страна на државните органи, да се обезбеди надзор и поголема заштита за малолетниците без придружба кои транзитираат низ земјава, а обвинувањата за употреба на прекумерна сила од страна на полициските службеници темелно да се истражат и евентуалните прекршители на законските овластувања да сносат одговорност.

Дополнително, Хелсиншкиот комитет укажува дека неопходно е да се влијае врз јавното мислење за бегалската криза, со оглед на тоа дека минатата година е забележано високо ниво на ксенофобија помеѓу граѓаните, нетолеранција кон бегалците и говор на омраза.