Хелсиншкиот комитет за човекови права испрати реакција до Јавното сообраќајно претпријатие-Скопје за некористењето на звучниот систем кој во автобусите ги најавува следните постојки.
Причината за реакцијата, како што велат оттаму, се пријавите од различни лица со оштетен вид и слепи лица за проблемите со кои тие се соочуваат при користењето на јавниот превоз во Град Скопје.
Како што се вели во соопштението лицата посочиле дека во ниту еден автобус на ЈСП во кој се возат не се користи звучниот систем на кажување на автобуските постојки и тие не знаат на која станица се наоѓаат и каде и кога треба да се симнат од автобус, па мора да прашуваат случајни патници.
Хелсиншкиот комитет во својата реакција испратена до ЈСП посочува дека некористењето на звучните автобуски постојки е форма на дискриминација, бидејќи лицата со оштетен вид и слепите лица се оневозможени под еднакви услови да ги користат услугите на јавниот превоз поради нивната попреченост.
„Сметаме дека од особено значење е овие лица да можат самостојно и независно да го користат јавниот превоз, без притоа да бараат помош од другите патници. Предност на набавката на новите автобуси беше токму пристапноста за секого, а користењето на веќе вграден звучен систем за автобуски постојки не бара дополнително финансиско вложување бидејќи веќе постои и неговото користење само ќе ги подобри услугите на јавен превоз на сите патници“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Како што велат оттаму на нивната реакција со допис одговориле од ЈСП од каде истакнале дека сите возачи ќе бидат задолжителни да го активираат звучниот сигнал за најава на автобуските постојки.