Европскиот суд за човекови права, во текот на минатата година, донел рекордни пет пресуди против Македонија што се однесуваат на членот 3 од Европската конвенција за човекови права – забрана за мачење, посочуваат од Хелсиншкиот комитет во Македонија, а по повод одбележувањето на 26 јуни – Меѓународниот ден за поддршка на жртвите на мачење и на друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување.
Во сите пресуди, велат од Хелсиншки, станува збор за тортура извршена од државни службеници.
„Но, и покрај тоа што овие случаи биле пријавени во обвинителствата, за нив или воопшто немало никаква истрага или истрагата била целосно неефективна. Хелсиншкиот комитет во последните три години има регистрирано дузина слични случаи за кои обвинителствата не спроведуваат ефективна истрага или државата не ја надоместува штетата“, велат оттаму.
Во текот на март 2016 година, Хелсиншкиот комитет испратил 49 барања за информација во врска со предмети за кривични дела мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување (за кои е предвидена казна од 3 до 20 години) и за малтретирање во службата (предвидена казна затвор од 1 до 5 години), по кои постапувале основните јавни обвинителства и судовите за периодот од 2009 до 2015 година.
„Според добиените одговори од судовите, за период од шест години, тие постапувале по 22 предмета поврзани со тортура и по 56 предмети поврзани со малтретирање. За кривичното дело тортура немало ниту една осудителна пресуда со која некој бил осуден на затворска казна. Биле донесени само осум пресуди со условна осуда, како алтернативна мерка. Што се однесува до кривичното дело малтретирање во вршење на службата, била донесена само една пресуда со утврдена затворска казна (шест месеци) и 16 пресуди со условна осуда. Основните јавни обвинителства постапувале по 32 предмети за тортура. Само во седум од нив имало истрага и било поднесено обвинение. За малтретирање во вршење на службата обвинителствата постапувале во 138 предмети, истрага имало за 30, а обвинение било поднесено во 22 предмета“, информираат од Хелсиншкиот комитет.
Оттаму упатуваат апел до властите во земјава конечно да го препознаат постоењето на тортурата и да развијат политики за заштита од овој варварски чин.
Хелсиншки: Обвинителствата не спроведуваат ефективна истрага за случаите на тортура