Науката е триумф на цивилизација. Таа низ историјата на човештвото ги овозможи сите други достигнувања и го направи животот почовечен. И додека разумот и рационалноста значат напредок во науката и животот и нудат оптимистички развој за животот и светот, со векови наназад се напаѓани од разните религиозни учења и догми. Наместо знаење, слобода на мислење, просвета, напредок, толеранција, религиите на светот му „подарија“ молитви, непросветеност, полуграмотни житија и целосно апсурдни библиски приказни, измислици за чудотворци, догми, инквизиции и погроми, горења на клада и реки од крв од наводните еретици.
Светот со векови е растргнат меѓу научниот напредок и религиозниот фанатизам. Конфликтот меѓу религијата и науката е иманентен и суштински и затоа е непомирлив и неодбеглив. Случувањата во Александрија на крајот на IV и почетокот на V век и судбописот на умната Хипатија (кој е филмуван во 2009 година под името „Агора“), се убава и тажна историската секвенца за овој конфликт и за катастрофално негативните последици од верскиот фанатизам врз развојот на светот и човештвото.
Хипатија, ќерка на математичарот и астрономот од александрискиот музеј Теон, кој е претставуван како најучен човек во Александрија во тоа време, е првата жена за која со сигурност се знае дека има дадено значаен придонес за развојот на математиката, но и за астрономијата и филозофијата. Се смета за пронаоѓач на два епохални инструменти: на хидромерот кој е инструмент за одредување на густината на течностите и астролабот кој е инструмент за одредување на географската ширина и положбата на небеските тела. Сите сведоштва укажуваат дека нејзиниот живот целосно беше посветен на науката, дека раполагаше со неверојатно голема аналитичка проникливост и дека поседуваше хармоничен и префинет поглед на светот.
Хипатија од својот татко беше воспитувана дека сите религии се догматски, во непомирлив судир со логиката и „не смеат да бидат безрезервно прифатени од ниту еден човек кој држи до себе.“ Од 400 година таа стана управител на неоплатонистичката школа во Александрија, а ученици од целиот тогаш цивилизиран свет доаѓаа кај неа за да присуствуваат на нејзините поуки и предавања. И се припишуваат зборовите: „Сочувај го своето право да мислиш, оти подобро е да мислиш погрешно, отколку воопшто да не мислиш.“ Во 391 година римскиот цар Теодосиј I објави декрет за забрана на паганството, а александрискиот патријарх Теофил веднаш започна со уништување на паганските храмови, меѓу кои Серапеумот во Александрија во кој се чуваа голем број на свитоци од областа на науката, астрономијата и филозофијата (по некои извори дури 700 илјади). Тогаш, убавата и луцидна Хипатија, успеа да го избегне погромот кои го извршија христијанските фанатици (иако нејзиниот татко е тешко ранет и набрзо почина), но само неколку години подоцна александрискиот патријарх Кирил, кој попатно кажано, го организираше извршувањето на еден од најголемите масакри и прогони на Евреите во историјата и кој подоцна е прогласен за христијански светец (?!), ја прогласи за вештерка, па така подбицнатата и инструирана глупава и суеверно заслепена толпа христијански верници, ја убива на исклучително суров начин – со каменување. Дури, потоа, нејзиното тело е исецкано на парчиња и запалено.
Убиството на „паганката“ (секако, нејзиното присвојување од подоцнежните христијански апологети, кои ја прогласуваат за христијанска великомаченичка под името Екатерина Александриска и ја претвораат во светица, покровителка на филозофите, не само што нема никаква реална историска подлога, туку е лицемерие од епохални размери) Хипатија и книгоцидот извршен од неписмената христијанска толпа е веројатно најголемото злосторство кое се случило против науката, воопшто. Оној мал дел од светското знаење кое не беше запалено во Серапеумот од глупавите религиозни фанатици, преку арапските мислители, филозофи и луѓе од наука, е преземено и макотрпно, во тек на еден цел милениум, собирано и пренесено, во најголе дел, во ел-Андалуз, но тука повторно, за жал, стапи на сцена Црквата. Како што Шпанија постепено се ослободуваше од Маврите, преку таканаречената Реконквиста, така книжното богатство се уништуваше, за на крајот од милионите свитоци и книги кои циркулираа во антиката, до наше време преживеаја само неколку десетини книги. И врз основа на нив, науката стигна до денешните импресивни резултати. Може само да се претпоставува каква позитивна разлика ќе имаше во достигнувањата ако не беше религиозниот фанатизам и неговиот прогон на рационалноста и знаењето.
Денешниве наши скудоумни и безобразни клирици и оџи, ги прогласуваат храмовите за “болници“ и приготвуваат разни „лековити“ празноверија како натприродни сугестивни средства за успивување и зашеметување на човечката свест, совест и памет. „Лековитите води“ не би се точеле со хектолитри, ако ја нема лесноверната и глупава толпа која се колне во ефикасноста на ваквите бескорисни ритуали и напитоци. И, во крајна линија, сето ова што денес ни се случува, не треба воопшто да нè изненадува, ако се има предвид системското оглупавување на луѓето преку образовниот систем, доминантниот политички и културнен дискурс и жално ниското професионално ниво на масовните медиуми.