Поранешниот македонски премиер Никола Груевски влегол во Унгарија потполно независно од постапката за азил, пишува унгарскиот новински сајт „ХирКлик“, кој шпекулира со тоа каде е Груевски во моментов.
Како што пишува сајтот, Груевски не е забележан подолго време и можно е повеќе да не е на унгарска територија, велејќи дека последните фотографии и видеоснимки од него во Будимпешта се направени во декември минатата година.
Од „ХирКлик“ упатиле прашање до унгарското Биро за имиграции и процедури за азил.
„Ве информираме дека според актот од 2011 за правото на самоопределување и слобода на информации, не сме во можност да обезбедиме информација во светлото на законите и секторската легислатива“, одговориле од прес-службата на бирото на прашањето од „ХирКлик“ каде се наоѓа Груевски.
Сајтот потсетува на познатите факти за бегството на Груевски преку Албанија, Црна Гора и Србија со автомобил во придружба на унгарски дипломати, а потоа, како што пишува „ХирКлик“ „со необјаснива дозола“ му било дозволено да влезе во една од канцелариите на бирото во Будимпешта на 12 ноември, каде поднел барање за азил.
„Како што Ласло Пинтер, министер за внатрешни работи, одговори на пишаното прашање на Бернадет Сел, поранешниот премиер доби дозвола за влез во земјата комплетно независно од процедурата за азил’. Таквата постапка е целосно во рамките на надлежностите на министерот за внатрешни работи“, пишува „ХирКлик“.
Сајтот потсетува дека осудениот македонски политичар е еденод четворицата од вкупно 165 баратели што добиле статус на азилант во Унгарија од 21 јули 2018 година, кога на сила стапи законот популарно наречен „Стоп Сорос“.