Постарите скопјани веројатно се сеќаваат на првиот македонски циркуз, формиран во почетокот на 50-те години од минатиот век, сместен во голема шатра на самиот влез во Зоолошката градина. Тогаш, негови главни звезди беа кловновите Кики и Доди кои што знаеја до солзи да ја насмеат публиката. Во една од нивните нумери Кики ќе пикнеше надуен балон во своите шалвари и откако ќе му се прикрадеше на Доди од зад грб ќе го дупнеше со игла по, што одекнуваше пукотница од која што Доди преплашено се ничкосуваше на земја. И додека Кики се насладуваше на својот трик, неговиот побратим за возврат ќе ставеше запалена петарда во џебот и штом че се приближеше до Кики настануваше експлозија по која што овој избезумено скокаше во прегратките на гледачите. Целата таа нумера фактички се состоеше од нивното надитрување во имитирани прдотии, кои што кај гледачите предизвикуваше бурна смеа.
Не знам зошто, ама секогаш кога ги слушам јавните настапи на претседателот Иванов и неговиот партиски ортак Мицкоски (предводници на антинатовската и противевропска кампања, сега закамуфлирана во некаков отпор против постигнатиот договор со Грција), имам впечаток како да ја следам токму таа нумера. Со таа разлика што во нивното засмејување на јавноста сега не користат надуени балони и запалени петарди, туку оригинални издуви што се доживуваат како еден вид временска непогода. Во тој стил, нашите Хорхе и Мицале смислуваат нови и сѐ понови гачки, прикажувајќи ги како некаква државна загроза, национални предавства, капитулантства против кои што тие неустрашиво се борат, поради што Хорхе, како идеолог на антиквизацијата веќе се претставува за втор Александар Македонски, додека пак Мицале со “математичка точност” упорно работи да ја презеде славата на својот претходник Груевски. Кој што за беља, до гуша е заглавен во тешки криминали и сеуште не знае каква робија го очекува.
Па, бидејќи обајцата се негови политички творби и должници, поставени по негов налог и обучени на слепа лидерска послушност, презедоа врз себе невозможна мисија да го спасуваат од кривичен прогон својот омилен водач. Притоа, испробаа сѐ што беше во нивните можности, од прогласување на неуставни аболиции и проштевки, оргинизирање на протестни маршеви и митинзи, парламентарни бојкоти, пратенички егзекуции вклучувајќи и неуспешни државни преврати, сѐ под изговор дека наводно ја бранат државата, а не неговите извршени злодела. И кога конечно сфатија дека времето на нивното безвластие помина, дека по смената на власта се враќа моќта на правдата, силата на законите, безусловната примена на правна и политичка одговорност, дека сите натамошни обиди да го обноват груевистичкиот систем на владеење стануваат залудни, се фатија за последната сламка што им преостана: да изнудат референдумска трампа. Или негов бојкот и отфрлање или амнестија за сите актери во злосторничкото здружение и терористичкиот упад во македонскиот парламент. Уште поконкретно: судски опрост за Груевски или Македонија по ѓаволите!
Уследи брз одговор на Заев: А зошто да не биде обратно, Никола во мајчината, а Македонија во биднината. Има ли пофер трампа од тоа?
Патем, метеоролозите прогнозираат дека времето до крајот на септември ќе биде ведро и стабилно, со повремени продуви и грмотевици од арсеналот на Хорхе и Мицале!