Хронично болните од утре ќе земаат лекови преку електронски рецепт

Сподели

 

Фондот за здравствено осигурување информира дека од утре, 1 мај, воведува пропишување и издавање на лекови без хартија, преку електронски рецепт, еРецепт. за хронична терапија за хронично болни лица.

„Тоа значи дека нема потреба хроничните болни да одат кај матичен лекар за да им биде препишан и издаден хартиен рецепт. Наместо да губат време за одење, чекање во ординации и враќање, корисниците ќе треба телефонски да исконтактираат со својот матичен лекар и да добијат информација дека им е искреиран електронскиот рецепт. Потоа да одат директно во аптека и со документ за лична идентификација ќе можат да ги подигнат лековите. Предвидена е можност, друга личност да ја подигне терапијата во нивно име, акоу хроничните пациенти не можат лично да го сторат тоа“, соопштија од Фондот.

Објаснуваат дека, тоа што ќе придонесе за поефикасна заштита на пациентите и за медицинскиот персонал од корона вирусот, како и дека електронскиот рецепт ќе продолжи да функционира и по завршувањето на пандемијата. Исто така, придобивките се повеќекратни за сите осигуреници, матичните лекари, аптекарите како и за Фондот за здравствено осигурување. Хроничните болни добиваат лесен и ефикасен пристап до лекови и поефикасна здравствена заштита. Матичните лекари нема повеќе да изготвуваат хартиени рецепти туку нивниот софтверски креиран рецепт ќе биде достапен директно во аптеките. Се скратуваат трошоците и ресурсите за принтање и издавање на рецепти, а лекарите ќе имаат многу повеќе време за прегледи на пациенти, без никаков дополнителен трошок.