„И јас имам предизвик“ – Светски ден на менталното здравје

Сподели

 

По повод Светскиот ден на ментално здравје – 10 октомври повторно го споделуваме со вас информативниот видео спот „И јас имам предизвик“ во кој сликовито се прикажани разните видови предизвици со кои секојдневно се сооочуваат нашите сограѓани кои имаат нарушено ментално здравје. Веруваме дека можете да препознаете лица од вашата околина кои се соочуваат со вакви предизвици.

На Градскиот плоштад Македонија во Скопје нашата асоцијација “Мисла” ќе дели информативни летоци, за да ги запознаеме граѓаните со проблематиката и предизвиците на менталното здравје и ве повикуваме да не поддржите со тоа што ќе не посетите на горенаведената локација.

Заедно со нашите соработници се придружуваме кон кампањата на Светската здравствена организација чиј фокус оваа година е превенција на самоубиствата.

На овој ден сакаме и да ја потсетиме јавноста за потребата од разбивање на предрасудите во општеството за лицата со ментални болести.
Во оваа група влегуваат значително повеќе лица од оние кои биле хоспитализирани или им е одредена дијагноза. Тие кријат дека имаат ментални нарушувања, дека имаат одредена дијагноза од страна на психијатар, се срамат и ја негираат својата состојба.
Барањето помош и поддршка, зборувањето отворено за овие состојби кај луѓето е многу различно од состојбите или болестите како што се рак, удар, операција или вирус.
А никој не е имун односно секој е засегнат, без разлика на возраста, потеклото, родот, статусот.
Сметаме дека превентивата, како и третманите во раната фаза од развојот на нарушувањата на менталното здравје не се практикуваат во задоволителна мера. Во третманот, подеднакво се важни и терапијата со лекови и разни психотерапевтски техники.
Не смее да се заборави дека и социјализацијата и поддршката од семејството, кругот на пријатели и од општеството исто така придонесуваат кон стабилизирање на состојбата а понекогаш и кон трајно излекување.
Според актуелниот Закон за ментално здравје „Заштитата на лицата со ментална болест се заснова на обезбедување на најдобра грижа, лекување и рехабилитација во согласност со тековните достигнувања во областа и во рамките на расположливите средства, соодветна на поединечните потреби на лицето, со отсуство на каква било психичка и физичка злоупотреба, со целосен респект на достоинството на неговата личност и во негов најдобар интерес.“

 

https://www.facebook.com/asocijacijamisla/videos/905354596499659/