Ибрахими: Лага е дека ние сме му пишале на Еди Рама

Сподели

Потпретседателот на Движењето Беса, Зеќирија Ибрахими вели дека е лага дека испратиле отворено писмо до премиерот на Албанија Еди Рама со кое побарале да го прифати авторството на заедничката декларација. Како што вели тој, Движењето Беса ја понудило својата поддршка за било каков договор кој ќе биде во интерес на Албанците. Ибрахими го обвини Ахмети дека не се грижи за албанските интереси, туку само сака да ја спаси својата политичка кариера, пренесе ТВ21.

-Ние прифативме средба поради премиерот. Ја прифативме Декларацијата како заеднички документ, наш, (не од Тирана), со цел да ги заштитиме интересите на Албанците. Ние му кажавме и на премиерот, но и на јавноста- со лидерот на ДУИ, не седнуваме на иста маса, бидејќи тој според нас  и главен виновник за состојбата на Албанците во Македонија. За да го спречи имплементирањето на Декларацијата и да го одржи во живот Груевски, главниот виновник побара од лидерот на СДСМ да се произнесе за Декларацијата пред да го добие мандатот. Потсетувам: Ние му ги дадовме потписите без никакви условувања за учество во влада – само за да го тргнеме Груевски од власт“, изјави Зеќирија Ибрахими.

Во интервју за РТВ21, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека повиците на Движењето Беса до премиерот на Албанија Еди Рама, да го признае авторството на заедничката Декларација, ги злоупотребија Иванов и Груевски.

“Лошото е тоа што повиците на Беса до господинот Еди Рама за да го признае авторството, го искористија и претседателот на државата и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Никола Груевски. Ова го искористија и аналитичарите, кои велат дека се појави една албанска партија која бара од Еди Рама да го признае авторството”, изјави Али Ахмети.

Претседателот Иванов, смета дека Заедничката Декларација е мешање во внатрешните работи на Македонија од страна на Албанија, и смета дека претставува нарушување на територијалниот интегритет на државата. Заедничката Декларација е главната причина која што ја искористи Иванов за да не му го додели мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев.