Игран филм “МАРИО” по повод меѓународниот ден против хомофобија, бифобија, интерсексизмот и трансфобијата

Сподели

Во петок, 17-ти мај, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден против хомофобијата, бифобијата, интерсексизмот и трансфобијата, во градското кино Милениум со почеток од 20 часот ќе се одржи проекција на играниот филм „Марио“, кој става акцент на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат геј-мажите во фудбалот и во општеството воопшто.

 

 

Во режија на Марсел Гислер, „Марио“ е романтична драма за двајца млади фудбалери фатени меѓу политиката на играта и политиката на љубовта и нивните растечки чувства еден за друг, во светот на фудбалот каде имиџот на перспективните и професионалните играчи е сѐ.

 

 

За прв пат во неговиот живот, Марио се заљубува до уши. И тоа во Леон, новиот фудбалер од Германија. Леон исто така е напаѓач и прашањето е: кој од нив двајца ќе влезе во првиот тим на клубот? Но Марио не сака да размислува за тоа. Тој само сака да ужива со Леон и да биде блиску до него. Нивната љубов не поминува незабележано во клубот и се појавуваат првите гласини. Марио сфаќа дека неговата кариера како професионален фудбалер е во опасност, но не сака да го изгуби Леон за ништо на светот. Па така, мора да донесе одлука. Дали ќе ја избере кариерата или Леон?

Билетите за еднократната филмска проекција се бесплатни и може да се подигнат на билетарницата на киното на принципот „прв дојден, прв услужен“. Настанот го организираат Здружението за културен и медиумски развој КВИР СКВЕР од Скопје и Германската Амбасада во Скопје.