ИЈЗ: Намалување од 48,3% на нови ковид случаи од претходната недела

Сподели

 

 

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 10 до 16 мај 2021, тестирани се вкупно 16.773 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 6,3% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 674 нови позитивни случаи од 31 град во државата со намалување од 48,3% во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=280; 41,5%), со неделна инциденца – 45,3/100.000. Највисока неделна инциденца од 94,1/100.000 е регистрирана во Кратово.

Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 1,8% до 7,2%, просечно 4,0%.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=240, 35,6%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=114; 16,9%), 30-39 (n=114; 16,9%) 40-49 (n=111; 16,5%), и 20-29 (n=56; 8,3%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=6; 0,9%) и 10-19 години (n=33; 4,9%).

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 2.646 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со намалување од 36,0% во споредба со минатата недела.

Пријавени се 65 смртни случаи од 15 градови, 38,1% помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 56 лица биле над 60 години, 7 лица на возраст од 50-59 години, 1 лице на возраст од 40-49 години и 1 лице на возраст од 30-39 години.

На 17.02.2021 во Р. С. Македонија започна вакцинацијата против КОВИД19.

Заклучно со 16.05.2021, аплицирани се 28.594 дози на Pfizer/Biontech (19.691 со прва доза и 8.903 со втора доза), 44.890 дози на Sputnik V (22.871 со прва доза и 22.019 со втора доза), 24.995 дози на AstraZeneca и 108.740 дози Sinopharm.