Деновиве од печат излезе новата книга за деца во едицијата „И ете приказна“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.
Се работи за сликовницата насловена „Приказни од облаци“ на Кристина Тот, во превод од унгарски јазик на Златко Панзов и јазична редакција на Анамарија Цинеге Панзова. Изданието е збогатено со цртежите на илустраторот Бибор Тимко, а издадено е со поддршка на ЕУ како дел од програмата „Креативна Европа“.
Откако ИЛИ-ИЛИ имаше одлична соработка со унгарската писателка Кристина Тот на полето на прозата, издавајќи ги збирката раскази „Пиксел“ (2013) и романот „Аквариум“ (2016), овој пат на радост на најмладите читатели, на македонски јазик излегува нејзината популарна книга за деца, која наиде на одличен прием во матичната земја.
Кристина Тот е родена во 1967 година во Будимпешта. Студирала унгарска книжевност. Поминала две години на стипендија во Париз. Од 1994 до 1998 година работела во Францускиот институт во Будимпешта. Има добиено неколку книжевни награди, а нејзината поезија и проза се преведени на повеќе јазици. Живеее во Будимпешта и освен со пишување и преведување од француски јазик, дизајнира и витражи.
Позначајни нејзини дела се: „Есенското палто се бранува“ (1989, поезија), „Нишката на разговорот“ (1994, поезија), „Лондонските мечиња“ (2003, песни за деца), „Баркод“ (2006, кратки раскази), „Висока топка“ (2009, поезија), „Пиксел“ (2011, ИЛИ-ИЛИ), „Аквариум“ (2013, роман), „Светски адаптер“ (2016, поезија).
По трите наслови издадени во изминатиот период: „Арно ама“ на Калина Малеска, „Свадби на животни и нешта“ на Раја ми Георги Господинови и „Кртот Ѕвездан“ на Николина Андова Шопова со илустрации на Наталија Лукомска, ова е четвртиот наслов во едицијата „И ете приказна“ на ИЛИ-ИЛИ.