“ИЛИ-ИЛИ”: Нова збирка раскази “Сите наши тела” од Георги Господинов

Сподели

Збирката раскази “Сите наши тела” е нов роман на современиот бугарски писател Георги Господинов, преведена и објавена од издавачката куќа “ИЛИ- ИЛИ”.

Овие раскази можат слободно да се именуваат како микрораскази. Кратки, секавични, налик на едноминутните новели на Иштван Еркењ и приказните на Хармс, Господинов успева да вметне максимум информација во минимум јазичен простор. Ниту еден од овие стотина раскази не е здодевен, изнасилен, банален или „залудно испукан куршум“. Варираат според темите што ги покриваат. Присутни се и мноштво моменти на таканаречената ониричка фантастика (фантастика на сонот), темата на животот и смртта споени во новата поетска фантастика, па сè до сликите од детството кои истовремено и иницираат носталгија и нè оставаат замислени за тоа каде се изгуби невиноста на животот. Самиот Господинов верува дека во време кога веќе не постојат големи нарации во книжевноста, а долгите говори се сведуваат на кафанско дрдорење или малограѓански озборувања, една ваква книга е повеќе од потребна за да ни овозможи да го искомбинираме литературниот вкус и уметничкиот слободен термин во секојдневниот набиен распоред на работа и тривијални обврски. Овие микрораскази се совршена лектира додека го чекаме утринскиот автобус, додека чекаме да нè повикаат на шалтер во банка и додека ја чекаме девојката или дечкото во преполното кафуле. Совршена книга за кратки медитации. Душко Крстевски

***

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени книгите: „Природен роман“ (Темплум, Или-Или), „И други приказни“ (Темплум), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), сите во превод на Никола Маџиров, неговиот најуспешен роман, „Физика на тагата“ (Или-Или, 2015), и збирката раскази „И сѐ стана месечина“ (Или-Или, 2017), во превод на Душко Крстевски.