ИЛИ-ИЛИ: Промоција на стихозбирката „Гранична состојба“ од Лидија Димковска

Сподели

 

Утре, на 28 јуни, во „Буква“ со почеток во 20.30 часот, ќе се одржи промоцијата на новата стихозбирка „Гранична состојба“ од Лидија Димковска, во издание на ИЛИ-ИЛИ.

За книгата и со авторката ќе зборуваат промоторките Искра Гешоска и Александра Јуруковска.

 

 

Поетската збирка „Гранична состојба“ од Лидија Димковска е нејзина седма поетска книга, после временска пауза од четири години од стихозбирката „Црно на бело“. Оваа поетска збирка се комплетира во година кога авторката добива дури две меѓународни поетски наради за нејзиното досегашно творештво, и двете како прв(а) македонски(а) поет(еса):  наградата “Чаша на бесмртноста”, за десетгодишен поетски опус што ја доделува поетскиот фестивал “Лириконфест”, во Велење, Словенија и наградата “Наим Фрашери” што ја доделува поетскиот фестивал “Денови на Наим” во Тетово. На тој начин новата поетска збирка „Гранична состојба“ на Лидија Димковска претставува нов лирски меѓник во нејзината поетска ориентација кој донесува нови, актуелни и универзални стихови за човекот, неговото постоење и предизвиците со кои се соочува сега и овде, но и во вечноста.   

Во поговорот за книгата на Димковска, писателот Гоце Смилевски напиша:

„Песните од новата стихозбирка на Лидија Димковска се директен одговор на горливите прашања кои ги поставува актуелниот миг, и кои се поврзани со егзистенцијалните тегобности, личното и колективното сеќавање, односот на историјата и сегашноста, мигрантството, засилувањето на ксенофобијата, исчезнувањето на хуманоста и солидарноста, неизвесностите на постоењето – сето она што ни го донесе почетокот на векот, или што ние му го донесовме на овој век, од кој истрошивме дваесет и една година. Тие се песни на храброст и непомирливост, на искреност и на бескомпромисност, квалитети кои отсекогаш биле карактеристики на поетиката на Димковска. Од друга страна, наспроти овие одлики-константи, тоа е поетика која низ годините, од првообјавата „Рожби“ пред скоро три децении, па сè до денес, постојано се метаморфозира и развива, и сега е дојдена до степен на потполна отвореност кон фактографското, кон наративното, кон промислување на суштествувањето низ поетското создавање. Согледана во таа развојна низа, „Гранична состојба“ претставува една од кулминативните точки во творечкиот опус на Димковска“.

***Лидија Димковска (1971, Скопје) е поетеса, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик.

Објавила шест поетски книги: „Рожби од Исток“ (1992), „Огнот на буквите“ (1994), „Изгризани нокти“ (1998), „Нобел против Нобел“ (2001), „Идеална тежина“ (2008), „pH неутрална за животот и смртта“ (2009) и „Црно на бело“ (2016); три романи: „Скриена камера“ (2004), „Резервен живот“ (2012) и „Но-Уи“ (2016); американскиот дневник „Отаде Л“. (2018) и една збирка куси раскази: „Кога заминав од Карл Либкнехт“ (2019), преведени на повеќе јазици.

Ги добила наградата за дебитантско поетско дело „Студентски збор“, двапати наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда за поезија „Петру Крду“, наградата на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“, Специјалното признание „Европско културно наследство“ за најдобар расказ, словенечката „Чаша на бесмртноста“ за десетгодишен поетски опус, албанско-македонската поетска награда „Наим Фрашери“ и други.

Нејзините книги биле номинирани и за американската награда „Најдобра книга во превод“ како за поезија така и за проза, за германската „Берлински мост“, за полската „Европски поет на слободата“ и за меѓународната „Балканика“. Учествувала на голем број меѓународни книжевни средби, читања и резиденции низ светот. „Гранична состојба“ е нејзина седма поетска книга.