Организаторите на акцијата за собирање на донации за „Шарената револуција“ во Штип одлучија да ја сменат локацијата. Новата локација не ја соопштија, но само најавија дека размислуваат кутијата да ја постават на отворено, во центарот на градот.
Горан Трајков, кој е еден од тројцата учесници во протестите со прекршочна казна, рече дека и тој дознал од организаторите пред малку дека локацијата е сменета.
– Неофицијално, инспектори го посетиле кафулето каде требаше да се одржи донаторската акција. Донации ќе се собираат, најверојатно на отворено – изјави Трајков.
Сопственикот на кафулето само ни потврди дека таму нема да се одржи донаторската акција.
Преку оваа донаторска акција, која беше најавена од денеска, се собираат пари за да се платат казните на тројцата учесници во „Шарената револуција“. Вкупно казните изнесуваат 1.300 евра, а се изречени за бојадисување на улиците, тротоарите и плоштадот во Штип.