Институциите мора да реагираат брзо за физичкиот напад врз новинарската екипа

Сподели

Мрежата SafeJournalists најостро го осудува физичкиот напад врз телевизиската екипа на АЛСАТ М од Скопје, кој се случи денеска додека известуваа за големиот пожар на нелегалната депонија во Визбегово, Северна Македонија.

Според информациите од нашите колеги, новинарот Авни Тахири и снимателот Шенол Хајредини биле физички нападнати од лице за кое се верува дека е сопственик на отпадот што наводно го предизвикал пожарот вчера во Скопје. Напаѓачот насилно му го одзел мобилниот телефон на Тахири и го фрлил во огнот. Снимателот Хајредини исто така бил нападнат, а неговата камера била оштетена за време на инцидентот. Министерството за внатрешни работи го привело сторителот и случајот е официјално пријавен кај надлежните органи.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) е во контакт со Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство преку воспоставените контакт точки за заштита на новинари, во согласност со националните протоколи.

ЗНМ ја потсетува јавноста и институциите дека според последните измени на Кривичниот законик, секој облик на напад врз новинари при извршување на нивните професионални задачи претставува тешко кривично дело казниво со затворска казна.

Овој брутален и намерен чин на насилство врз новинари е напад не само врз поединци, туку и врз правото на јавноста да биде информирана за прашања од јавен интерес. Неприфатливо е новинарите, додека ја вршат својата работа на терен, да бидат изложени на вакви ризици.

„Сведоци сме на вознемирувачки тренд каде што новинарите сè почесто се цел на напади без последици додека известуваат од терен. Ова мора да престане. Институциите имаат и правна и морална обврска да ги заштитат новинарите, не само преку гонење на сторителите туку и преку превенција. Нема да прифатиме молк или половични мерки“, изјави Тамара Филиповиќ, координаторка на мрежата SafeJournalists и генерален секретар на Независното здружение на новинари на Србија.

Мрежата SafeJournalists ги повикува надлежните институции да спроведат брза, независна и ефикасна истрага за овој инцидент и да изречат најстроги казни за сторителите, во согласност со законот. Навремена и решителна реакција на властите ќе испрати јасна порака дека насилството врз новинари нема да се толерира. Изразуваме целосна поддршка и солидарност со нашите колеги од АЛСАТ М од Северна Македонија.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира националните и меѓународните чинители за овој инцидент и ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата.

Секој напад врз новинари е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 10 јули 2025

Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Босна и Херцеговина
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора

извор/фото SafeJournalists