Интервју со Ема КУШЕВСКА – фотограф
“Во природата има ред и поредок, секое зошто има затоа, животот тече со нас или без нас, а наша единствена задача е да го направиме што поедноставен, а случувањата, какви и да се, да ги прифатиме што поспокојно. Заради душевен мир и помалку стресен живот. Секогаш забораваме дека сите болести, а со нив и несреќи, доаѓаат од стресот. Не заборавајте дека природата е најдобар лек. Најдете време за неа, за себе. “
ДЕНЕС: Секоја фотографија позади себе има една голема, длабока приказна која човекот ја носи во себе и потребен е само еден миг тој да ја пренесе во слика, која ја преточува во наше бескрајно задоволство кое нѐ навраќа кон природата во нас, во самите себе…
КУШЕВСКА: Љубовта кон природата, т.е. животот околу нас, го прави мојот внатрешен свет побогат. Затоа, со детска љубопитност и очи ширум отворени, впивам сѐ околу мене. До пред 20-тина години, моите импресии ги пренесував на платно. Така, како што јас ги доживував. Оттогаш до денес, фото-апаратот ми е најдобар пријател. И повторно се обидувам тоа да го направам на свој начин. Колку допира до тие што ги гледаат моите фотографии – не знам.
ДЕНЕС: Првата фотографија може но и не мора да биде отслик на најдоброто. Но, тука се појавува втората, следната и секоја наредна па и претходната која нѐ навраќа на убавина, спокој, реалност…
КУШЕВСКА: Со апаратот се дружам од мали нозе, благодарение на мајка ми. Но, тогаш само како спомен од некое патување или дружење. Апаратите беа аналогни, не дигитални како денес. Дури и сама развивав фотографии. Пред 15-тина години се зачленив на еден “фото-сајт” на интернет и прв пат се осмелив да објавам фотографија. Се трудев да се претставам со, за мене, најдобрата фотографија. И – се случи шок. Од еден постар и поискусен фотограф, добив критика “без пардон”. Се најдов во небрано – да се откажам или да продолжам. Гордоста ја победи суетата. Знаев дека треба да учам, но знаев и дека можам. Затоа што сакам. Фотографијата се учи цел живот. Не само заради новата технологија, туку и заради личната надградба, за откривање нови нешта, за градење сопствен, препознатлив стил. Па така, мојата најдобра фотографија ќе ја направам утре. Тоа секој ден си го велам.
Но, во едно сум сигурна. Дека моето лично задоволство е повеќекратно. Додека фотографирам, додека ги прегледувам фотографиите во својот компјутер и правам корекции, ако е потребно и… кога после извесно време ќе се навратам на старите фолдери. Тогаш повторно целиот филм од тоа доживување ми се враќа и неизмерно сум среќна.
ДЕНЕС: Кој е конечниот одлучувачки момент кога се реши да ја одбегнеш градската бука во тишината и музиката со природата?
КУШЕВСКА: За жал, многу млада се соочив со семејни трагедии. Поголемиот дел од мојот живот, освен грижата за мојата ќерка и работата, се состоеше од негување болни членови на семејството и погреби. Дружбите со пријателите ми беа единствено бегство од реалноста. Кога на крај почина и татко ми, 2006 година, а мојата ќерка порасна, повеќе немав обврски и почнав почесто да излегувам. Апаратот ми беше верен придружник. Тогаш сфатив дека Скопје, мојот роден град, не е веќе мој. Секојдневно гледав како никнуваат нови градби на местата на убавите градски маала, нови луѓе и тоа што ми беше најстрашно, или најтажно. Ја снема веселата врева, ги снема насмевките на лицата на минувачите, уличните поздрави, маалските дружења, сето она што беше белег на градот. Како да умре душата на Скопје. Моето Скопје.
Градот без душа почна да ме гуши. Затоа одлуката да избегам од него и да почнам сосема нов живот во природа, ми дојде без многу двоумење. Секако, мојот сопруг без размислување се согласи. Нашите пријатели не веруваа дека долго ќе издржиме надвор од урбаната средина (за мене урбаниот хаос). Ми велеа, ќе умрете од досада зимно време. И еве, веќе 10 години сме тука, а ниту минута не нѝ било досадно. Тука научивме да живееме со природата, не само во неа. Тука го запознавме вистинскиот живот и што е најважно, научивме да ја слушаме тишината, а таа има многу да каже. Не, ова не е приказна. Само тој што го доживеал тоа, може да потврди.
ДЕНЕС: Колку Ема се пронајде и се надгради како личност во сликањето, фотографијата и сето тоа го спои со недоброеното дружење со цела Македонија и пошироко во твојата мирна оаза на добар домаќин и пријатен соговорник?
КУШЕВСКА: Погоре говорев за мојата љубов фотографијата, а сега повеќе за дружењето. Моите родители ме научија дека пријателите се најголемото богатство на човекот. Тие постојано беа опкружени со пријатели, а “крушката под круша паѓа”, нели?!
Иако долго време не сум во Скопје, меѓу најблиските, сигурна сум дека тука повеќе се дружам со пријатели, отколку тие во Скопје. Таму немаат време, постојано се во некакво движење, обврски и замор после динамичниот живот. Тука доаѓаат релаксирани од секојдневните проблеми, повесели се. Тоа многумина ми го потврдија.
А јас сум среќна што имаат желба да се видиме и дружиме, макар и на еден ден. Тоа важи и за новите пријатели кои ги запознавам преку фотографијата, на социјалните мрежи, не само од Македонија, туку и надвор од неа. И сите знаат дека се добродојдени во нашиот дом, па оттаму и спонтаните разговори, неисцрпните теми и многу, многу смеа. Среќна сум што фотографијата ми овозможи да запознаам луѓе, кои можеби не би ги ги сретнала во секојдневниот живот и би била посиромашна за овие прекрасни души.
Уште една придобивка од животот тука нѝ е, што го запознавме животот во помала средина. Тука човештината сеуште постои, а мештаните ја докажуваат постојано. Секогаш се спремни да помогнат ако е потребно. Се топам од убавина, кога случаен минувач ќе помине пред нашата куќа и ќе те поздрави и да не те познава, или ќе ти каже “наздравје”, ако види дека пиеш кафе, или јадеш. И тоа трае…и трае….и нека трае.
ДЕНЕС: Колку задоволството со фотографирањето ги пополни твоите желби, радости и таги низ животот?
КУШЕВСКА: Непроценливо. Кистот и боите ги заменив со апаратот. Така го хранам мојот yметнички порив. Истовремено е и издувен вентил, со кој ја лечам тагата и празнината. Го правам тоа со помислата на оние, кои не се повеќе меѓу нас, небаре можат да видат. Но, и полнам батерии со убавините кои ги документирам за незаборав.
ДЕНЕС: Има луѓе кои се би дале да се во првиот ред на фронтот, кои се докажуваат во било која форма на големото его да бидат цело време ЈАС, а ти низ фотографиите, низ мирниот овековечен миг стоиш исправена во позадина, и нѐ храниш со волшепствија кои нѐ враќаат во реалноста. Зошто толкава едноставност?
КУШЕВСКА: Темпото на живот, особено последниве 30-тина години, од нас направија роботи од крв и месо. А наше мото стана “зошто да биде просто, кога може сложено”. Многу жално.
Затоа сум среќна што сум тука. Ова опкружување ме научи дека во природата има ред и поредок, дека секое зошто има затоа, дека животот тече со нас или без нас, а наша единствена задача е да го направиме што поедноставен и случувањата какви и да се, да ги прифатиме што поспокојно. Заради душевен мир, поспокоен и помалку стресен живот.
Секогаш забораваме дека сите болести, а со нив и несреќи, доаѓаат од стресот. Не заборавајте дека природата е најдобар лек. Најдете време за неа, за себе.
ДЕНЕС: Секојдневните социјални, политички и хуманитарни збиднувања гласно ги пренесуваш низ твоите писанија покрај фотографиите. Како тој немир и неправедност успеваш да го преточиш во стихиен мир преку фотографирањето?
КУШЕВСКА: Иако не сум во “епицентарот “ на случувањата, а сепак неизолирана од социјалниот живот и медиумите, неминовно е да ги следам случувањата. Бидејќи политиката нѝ го крои животот, не можам да бидам индиферентна. Јасно и гласно ги кажувам моите ставови, без разлика на реакциите од страна. Реагирам на неправди, реагирам на нечесност, на лакомост, лаги и измами.
Неретко пријателите ми велат: “не се замарај со политика, уживај таму кај што си”. Не верувам дека моите зборови ќе допрат до повиканите, но јас нема да бидам тоа што сум ако гласно не кажам што мислам – тоа има катарзично дејство за мене. Од друга страна, сметам дека јавно искажаното мислење е не само право, туку и обврска. Затоа што си ја сакам татковината, затоа што сакам нашите деца да имаат иднина тука.
ДЕНЕС: Освен твојата лична убавина во физичка и човечна смисла, во твојот дом има згрижени кучиња, мачиња, и се чувствува несебичност во секој твој чекор кон љубовта кон сѐ што може да ти врати спокој и радост. Впечатливо си полна со емпатија кон спојувањето на природата и човековиот порив за неправда. Имаш ли сила и волја да го истераш сето ова додека не се освести општеството?
КУШЕВСКА: Убавината зрачи од душата. Јас не правам разлика меѓу луѓе и животни. Сите се живи суштества. Оттаму и емпатијата. Или ја имаш, или не. Или имаш љубов, или не. Но, признавам, тасот на вагата претежнува кон животните. Од една единствена причина – тие не знаат да говорат, да кажат што ги мачи, дали се гладни или жедни. И не се виновни ако се на улица, ако немаат дом и некој што ќе ги сака и ќе се грижи за нив. Предрасуда е дека тие немаат чувства, дека не разбираат, дека не препознаваат добро од лошо. Сите нивни реaкции се резултат на човековото однесување кон нив. Впрочем и ние, луѓето, реaгираме на злоба, насилство. За разлика од нив, кога сме гладни и болни, знаеме да кажеме, да побараме помош.
Јас сум растела со животни, повторно благодарение на родителите, кои ми ја всадија љубовта кон нив. Па и тука. Не можевме да ги гледаме уличните кучиња, кои секојдневно застануваа пред нашиот дом, во надеж дека барем храна ќе им дадеме. Не само храна, туку добија многу љубов и топол дом. Точно дека се голема обврска. И грижа, бидејќи и тие се разболуваат и умираат. Многу солзи се исплакани по нашите Бела и Лиса. Но и голема радост. Лани летото, комшиската мачка се омачи кај нас. И покрај присуството на кучиња. Сега сме едно големо семејство.
Благодарение на нив, ние се будиме и заспиваме со насмевка. Знам, тие што не сакаат животни, ова не можат да го сфатат. Единствена вистина е дека таквите не сакаат ни луѓе. Велат, со сила можеш некому да земеш, но не и да дадеш. Најмалку љубовта.
А нашата љубов и грижа за нив продолжуваат.
ДЕНЕС: Секој има порака која што потсвесно ја испраќа преку тоа што го споделува. Која е твојата водечка мисла низ животот во кој што ние те доживуваме?
КУШЕВСКА: Мислам дека доволно пораки испратив погоре. Радувајте се на навидум мали нешта. Не дозволувајте љубовта, искреноста и чесноста да избегаат од вас. Сакајте ја природата и дружете се со неа. Не само очите, туку и душата ќе ви ја наполни со убавини.
Прашањата ги подготви: Соња Ајановска Деловска, Денес магазин