Фабриката „Алкалоид“ беше столб на новата индустрија уште кога започна да работи во далечната 1936 година. Како се смени „Алкалоид“ во овие 87 години работење?
Денес „Алкалоид“ е меѓу водечките фармацевтски индустрии во Југоисточна Европа, со близу 2.700 вработени, со продажба во околу 50 земји и со добро распространета продажна мрежа од 21 канцеларија во 15 земји.
Успехот на „Алкалоид“ се заснова, пред сè, на квалитетниот кадар кој работи во компанијата, квалитетот на брендот „Алкалоид“ и на нашите поединечни брендови, кои ги граделе генерации алкалоидовци со години. Во својата долга историја „Алкалоид“ минал низ многу кризи, но секогаш покажувал отпорност и брзо приспособување кон промените. Можеби клучни во контекст на успешниот развој се зборовите посветеност и напорна работа. Во моментов „Алкалоид“ е компанија од 2.700 семејства и секој член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да расте и да се развива. Гордо, самоуверено и посветено продолжуваме да работиме на глобализацијата на брендот „Алкалоид“, притоа строго водејќи сметка за етичките стандарди, кредибилитетот и за професионалниот пристап во целокупното работење.
Што научивте од пандемијата на КОВИД 19 која го зафати сиот свет и колку таа го забрза развојот на нови вештини, креативност и иновативност во компанијата?
КОВИД-пандемијата беше здравствена криза на која ѝ требаше човечки одговор. Од почетокот на кризата „Алкалоид“ беше првата компанија која ѝ донираше 200.000 евра на државата. До крајот на 2020 година таа сума достигна до 1,2 милиони евра донирани на здравствени установи, разни здруженија и поединци во Македонија и во регионот. Во време на криза од каков било вид учиме дека компаниите и поединците мора да покажат солидарност и високо ниво на емпатија. Оперативниот менаџмент беше подигнат на највисоко можно ниво во сите сегменти. Во секојдневните процеси превладуваат рационалноста и смиреноста, а изнаоѓањето алтернативни начини за комуникација со вработените, потрошувачите и со акционерите, како и одржливото приспособување кон промените и, пред сѐ, истрајноста беа главните карактеристики на секојдневното функционирање. Особено ми е драго што во специфичните услови на работење, особено во последните три години, успеавме да обезбедиме пласман на сите пазари каде што сме присутни и да останеме доверлив партнер на здравствените системи, обезбедувајќи непречено снабдување со висококвалитетни производи по пристапни цени, и покрај нарушените дистрибутивни канали.
Кои нови технологии ги користите во производството за да го подобрите квалитетот на производот? Колку инвестирате во модернизација на софтверот и колку е важен стручниот кадар кој раководи со процесите? Какви се плановите за идните инвестиции и за натамошниот развој? Во кои производствени капацитети компанијата најмногу инвестираше во последно време во согласност со идниот развој?
Една од фактичките константи низ 87-годишното постоење на „Алкалоид“ се инвестициите. Во последните 3 децении интензивно ги насочивме нашите инвестиции кон следење на најновите трендови и достигнувања во фармацевтската индустрија, инвестирајќи во градење и во проширување на производствените капацитети и на капацитетите за истражување и развој, како и во инсталирање современа опрема, лаборатории, во технологии, современ софтвер и во добро обучен кадар. Фармацевтската индустрија се смета за многу динамична, па затоа инвестициите се неопходен предуслов за градење модерно и конкурентно портфолио, кое ќе придонесе за подобро позиционирање и за подобри пласмани со фокус на странскиот пазар.
Само во последните 5 години инвестиравме 104,1 милиони евра во земјите од регионот, за што неодамна Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан нѐ прогласи за водечки инвеститор.
До крајот на годината очекуваме да го довршиме нашиот мегапроект „Таблетно 2“, чија цел е повеќе од двојно поголем обем и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми.
Успехот во работењето на „Алкалоид“ е, пред сѐ, одраз на квалитетот на човечките ресурси кои работат во компанијата. Колку се важни континуираната едукација и зголемувањето на стручниот кадар за развојот на компанијата?
Квалитетното образование и соодветните вештини се клучни при регрутирањето кадар во „Алкалоид“, а одговорноста е уште поголема кога се работи за кадар од професионалните области. Мојот личен впечаток е дека образовниот систем, за жал, не ги води студентите кон пошироки хоризонти! Недостигот од обука и од мотивација е сè поочигледен кај студентите на државните универзитети, но ние се обидуваме да одржиме одржлива позитивна промена во однос на овие горливи општествени прашања, барем во нашата непосредна околина. Преку соработка со образовните институции во нашата земја, воведовме различни програми за образование – дуално образование и практикантска работа – кои успешно се спроведуваат веќе четврта година во нашата земја, а формиравме и локален едукативен центар. Во насока на квалитетно образование и на производство на иден компетентен кадар во областа на здравството и на фармацијата, работи и нашата Фондација „Трајче Мукаетов“, која од своето формирање во мај 2007 година стипендираше 619 студенти по фармација и по медицина на државниот универзитет. На основа на стипендии и на еднократни парични награди за најдобрите во генерацијата досега инвестиравме околу 2 милиони евра. Постојано инвестираме во стручно оспособување на нашиот кадар, пред сѐ во областа на фармацијата и на фармацевтската технологија, при што еден од нашите главни референтни партнери е Фармацевтскиот факултет во Белград.
Целото интервју можете да го прочитате тука