Перо Георгиев е архитект, дизајнер кој со еден потег создава мисла и ја пресликува во графичка микропроза, како што ќе рече Оливера Ќорвезировска. Во неа е изразена сета суштина на видувањата на денешницата, со која е проткаена социјалната инволвираност, следејќи ја политичката ситуација по која се води животот на секоја единка, емотивната нитка на авторот кон секојдневните збиднувања, спојот на минатото и иднината во урбаната замка, корелацијата на видувањата од машка и женска перспектива на борбеноста во изодувањето на секојдневието, од дистанца и разговорни мудрости на дедото и бабата, Георгиев на публиката и нуди своевидна иновација во зборовната и ликовната творечка постапка.
Визуелниот крик, софистицирано го опшува неговото ново и прво објавено дело „Животот на смртта“ со точни, прецизни уметнички потези и кристално бистри мисли.
„Животот на смртта“: се оддалечи за да се види (појасно). пошироката перспектива не ги менува облиците, ја менува само нивната проекција.
Перо Георгиев: Најтешко можеме да излеземе на крај со оној што живее во нас. Тој е разгален станар и неговите цврсто конструирани гледишта врз субјективни темели ги пропуштаме низ најкрупното сито. Создавањето дистанца (од себе), отклонот од своите ставови, станува и прв чекор за можна самокритика, ново нијансирање и евентуална исправка. Таа функционира како објектив: може да ги изостри личните гледишта, но истовремено може да ја заостри расправата во нас и со нас самите, или да предизвика целосно заматување. Сметам дека само во еден единствен миг имаме јасна слика и дека менувањето на параметрите (информациите) изискува одново барање на фиксна позиција или точка, ново преиспитување и креирање различни перспективи. Секоја размисла е врзана за одреден контекст и тој игра улога на носечка конструкција врз која се распределуваат сите сили (аспекти): кога моментот на силите изнесува нула, имаме рамнотежа или јасна слика. (Но не секоја јасна слика е и исправна слика.)
„Животот на смртта“: сѐ се врти, ништо не нé менува.
Перо Георгиев: Сé тече, сé се менува, но нас (луѓето) ништо не нé менува. Вртиме во круг со сé помал радиус. Има претенденти (црни овци) кои се обидуваат да протнат нови концепти на мислење, но и тие на крај завршуваат во истата спирала, само со фрустрирачки последици или бидуваат исфрлени и жигосани. Класика.
„Животот на смртта“: тесноградоста не страда од микроманија, велеше дедо ми додека ја истиснуваше последната капка насобран гнев.
Перо Георгиев: Тесноградоста има силен потенцијал да генерира гнев. Ја сметам за културен феномен и дека може да биде третирана со културни мерки кои ќе бидат во состојба да го прошират нејзиниот волумен, прво на лично, а потоа и на општествено ниво.
„Животот на смртта“: дедо ми ги вртеше очите, те на една те на друга страна. слабоста на едните и насилството на другите можат во иста мера да бидат опасни. рече. за да прдне немаше веќе сила.
Перо Георгиев: И немаше. Тој модел на континуирано поларизирање на општеството под диригентската палка на политичарите, стана исцрпувачко на сите нивоа. Да беше на политиките, можеби ќе станеше и силен двигател на два силно заострени концепта на организација, водење и структурирање на општеството. Но засега, во услови на калкулативна демократија, послабите немаат многу алатки за дејствување (а, често и самите создаваат модели на инфериорност), стануваат еднакво опасни како и посилните. Во таа латентна игра на намигнување, еднаш лево, еднаш десно, исчезнуваат главните координати за навигација и ориентација. А исходот: спротивставени истости. Мојата интенција не е критиката. Јас само ги набљудувам сите тие феномени кои ме наведуваат понекогаш да изградам став по одредени прашања или случувања. Но, она што постојано ме боцка е прашањето, дали и колку човекот може да се сензибилизира во сите тие состојби и да направи голем милиметарски исчекор.
„Животот на смртта“: баба ми не умееше да се потпре на ништо друго освен на своите раце. тие беа за неа симбол. со нив стискаше, милуваше, плетеше, чистеше вошки. удираше по клавиши. со нив зборуваше. молчеше на сите јазици. се држеше себе си за врат, да не си побегне.
Перо Георгиев: Не само баба ми и нејзините раце, секое битие е бунар без дно: паметно, мрзливо, итро, вешто, нежно, кршливо. Бунар без дно, но со капак, што не дава да избега.
„Животот на смртта“: дедо ми размислуваше на глас: ако се сруши универзална, ќе мора да изградиме спомен плоча на која ќе треба да ги впишиме имињата на сите оние духови кои поминале и останале да живеат во неа. место за парк ќе нема. (паркот ќе треба да го бараме кај фабриката треска.)
Перо Георгиев: Сé уште немам изградено стражарска кула од која би можел да ги набљудувам сите процеси кои се случуваат во градот и со градот, но за одредени точки можам да изградам став: градот опстојува во повеќе слоеви и некои од нив не треба да бидат избришани, особено не оние кои од себе изградиле топоним. Градот е жива материја и е во постојано себеменување (заедно со нас), но културата на град треба да стане култура на мислење на град, рафинирана и одмерена. Универзална сала е ентитет со (мулти)идентитет.Таа е парк, стара дама со изветвен фустан. Дух, Порака. Лимена звучна кутија. Ковчег (полн слики). Архив на колективни сеќавања. Трезор на лични возбуди. Шеталиште на звук. Културен бунтовник. Таа е и сведок, и воајер, и соучесник. Таа е конглометат од фолии (како за анимиран филм), музикална дама со истенчено сетило за слух, дружељубка, звукољубка, љубољубка. А сите ние се фативме за нејзиниот фустан. И тука архитектурата нема ништо со тоа.. Универзална сала не е објект, затоа и нема да може да се сруши.
„Животот на смртта“: слободата бара постојано потхранување. тие што го ослободиле можеле да ги споредат двете состојби. ние што живееме во слободно скопје мора понатаму и одново да го ослободуваме. не постои потполно слободен град.
Перо Георгиев: Градот е подлога, мапа на која е означено сето наше битисување. Бунар во кој се давиме и во кој учиме да пливаме во тесно, но длабоко. Ринг – во кој си задаваме удари меѓусебно, без можности за суштински компромис, уште помалку за победа. Тој е игла која не боцка (нѐ инспирира и предизвикува) и чекан кој не удира директно по глава – нé освестува и онесвестува иако самиот нема свесност за себе. Човекот е неговата основна честичка, столб врз којшто градот сака да го потпре сето свое постоење, да ги постави сите мерки и мерила. Човекот е самиот град. Мрежа исткаена со титанов конец, со безброј можности за нови виткања и преобликувања. Каква љубов!
„Животот на смртта“: реките се избистрија, талогот остана во нас. многу теми се протнаа низ крупно сито. запрепастувачки и загрижувачки. светот сме ние, со сé што носиме со нас и во нас. fb конференцијата може да почне. оптималната раздалеченост дозволува широко отворени уши.
Перо Георгиев: Аудиториумот се згуснува, секој учесник поинаку го восприема другиот: со две отворени очи и затворена уста, со две затворени очи и отворена уста, со две отворени очи и дланка на чело, со едно отворено око и затворена уста, со две отворени очи и две дланки на чело, со затворени уши, со отворени очи и прекрстени раце, само со прекрстени раце. Таквата телесна и сетилна дефинираност создава услови за една поинаква динамика во комуникацијата: се слушаме- не се гледаме, се гледаме- слабо се слушаме, говориме, рамнодушно молчиме, врескаме, проповедаме, дебатираме, дебатираме, дебатираме… комуникација која многупати завршува со какафонија. Или талог.
„Животот на смртта“: животот е тежок, ама никој(а) не се охрабрил(а) да побара од него слободен ден.
Перо Георгиев: Животот го мериме во секвенци, мали исечоци на кои им даваме смисла. Не успеваме никако да се откинеме од севкупните бранувања. Животот станува постојан обид да се преживее бранот кој удира директно в лице и очи, ги полни со ситни честички и го заматува погледот. Тие состојби раѓаат фрустрации и трауми, но истовремено се претвораат во ѓубриво за посуштинско зреење.
Подготвил: Соња Ајановска Деловска, denesmagazin.mk