Инциденти во бегалските центри во северна Грција, петмина повредени

Сподели

begalci

Во два бегалски кампови во Грција вчера дошло до тепачки, во кои повредени се неколку бегалци. Во првиот инцидент, кој се случил во еден од импровизираните кампови во непосредна близина на Идомени, дошло до кавга и пукање меѓу двајца бегалци од Пакистан. Во инцидентот повреден е еден од учесниците во тепачката, 29 годишно момче кое било пренесено во болницата во Поликастро.

Вториот инцидент се случил во официјалниот бегалски центар „Неа Кавала“ сместен во Поликастро. Во судирите во кои учествувале бегалци од Ирак и Сирија, повредени се четворица бегалци од Сирија кои биле пренесени во локалната болница.

Релокацијата на бегалците и празнењето на Идомени не ги реши проблемите, ниту стави крај на инцидентите.

Од четири до пет илјади лица наместо во бегалските центри самостојно се преселија на бензинските пумпи и на паркингот пред еден хотел во близина на Идомени, од двете страни на автопатот.

На паркингот пред и во хотелот „Хара“ на патот од преминот „Богородица“ кон Солун има 1.268 луѓе, а на бензинската пумпа на „Бритиш Петрол“ непосредно пред граничниот премин „Евзони“ има 1.272 бегалци.

На бензинските пумпи во околината на Поликастро има 1.700 луѓе, а бегалци има и во една напуштена царинска зграда.

Грчките власти најавуваат дека набрзо ќе почне вториот дел од акцијата со која бегалците кои се сместени на автопатот кон Солун ќе бидат преместени.

Грчкиот министер за миграција Јанис Музалас најави дека во текот на летото ќе се започне со изградба на нови бегалски центри каде ќе има куќарки со подобри услови, а не шатори.

Музалас се надева од септември бегалците ќе може да се преместат во овие центри, кои ќе бидат распоредени низ целата држава.

Инциденти во бегалските центри во северна Грција, петмина повредени