Историски договор за нормализација на македонско-грчките односи! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

(Георги Ајановски, специјално од граничниот премин Маркова нога)

 

Во присуство на највисоки европски претставници и ООН, на голем број странски амбасадори и дипломати, под силно полициско обезбедување денес напладне, во малото рибарско село Нивице (Псаридис), на грчкиот дел од Преспанското Езеро, беше потпишан македонско-грчкиот договор за решавање на повеќедеценискиот спор околу нашето државно име, со што се отвора нова страница во односите меѓу двете соседни земји.

На свечен начин и со многубројни честитки договорот го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, придружени од премиерите Заев и Ципрас, по што двете делегации и високата свита се упатија преку езерото до туристичката населба Отешево, каде што на свечен ручек беа разменети поздравни говори и здравици. Во меѓувреме, на граничниот премин Маркова нога и по целиот пат до Ресен неколку стотици жители од околните села нестрпливо чекаа да го поздрават овој историски чин, додека голем број членови и симпатизери на македонските опозициски партнери, пристигнати од Битола беа подготвени да изразат својот револт и несогласување со постигнатитот договор, сметајќи го за предавнички и антинационален чин, кој наводно ги загрозува македонските државни интереси.

Потпишувањето на договорот во Мала Преспа, за потсетување, носи со себе и една болна симболика: како што е познато пред 70 години заврши Граѓанската војна во Грција со трагични последици за македонското население. По борбите на Грамос и Вичо, во кои британските трупи одиграа решавачка улога за поразот на демократската армија на Грција, илјадници македонски и грчки партизани но и голем број бегалци се повлекоа кон Мала Преспа, барајќи спас во Албанија. Тука, на потегот меѓу Нивице и Маркова нога се наоѓа широк насип наречен “Африка”, што го дели грчкиот дел на Преспанското Езеро од македонскиот. При преминувањето на овој насип долги колони на поразената војска на ДАГ и многубројно цивилно македонско население беа жестоко митралирани од страна на британската воена авијација, која што го поддржуваше тогашниот грчки монархо-фашистички режим. Преживеани борци подоцна раскажувааа дека во тој масакр загинаа стотици лица и дека езерото тие дни било црвено од пролеана крв.

Седум децении по тој настан и по заострени македонско-грчки односи во Мала Преспа е потпишан договор за меѓудржавно помирување и нормализација на односите меѓу Македонија и Грција, што претставува историска пресвртница од далекусежно значење за двете држави и за поширокиот регион. За разлика од тој период, треба да се констатира дека британската политика денес сесрдно ја помага Македонија во нејзините евро-атлантски аспирации и особено е заслужна за успешното премостување на грчко-македонскиот спор и потпишувањето на денешниот договор.

Преспанското тромеѓе меѓу Грција, Албанија и Македонија, со децении третирано како сива безбедносна зона на Балканот, преку ноќ прерасна во позната европска дестинација, каде што добрососедската соработка неповратно ги урива некогашните историски предрасуди и отвора нови патеки на соработка и доверба меѓу народите на овие три држави.