Истрага за посредување при вршење проституција и перење пари

Сподели

По повеќемесечна предистражна постапка на предметен јавен обвинител, Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти при МВР, и истражители од Истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вчеравечер е реализирана акција во која од слобода се лишени четири лица. Извршени се претреси на пет локации во Скопје и Куманово при што привремено се одземени телефонски уреди, лап-топ, два пиштоли, девизни и денарски парични средства и документација. Поради постоење на основано сомнение дека тројца од приведените сториле кривични дела „Посредување при вршење на проституција“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“, а четвртоосомничениот кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“, предметниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четворицата.

Во временскиот период од декември минатата година до вчера првоосомничената – бразилска државјанка со дозвола за привремен престој во РСМ, заедно со второ и третоосомничениот – македонски државјани, од кои едниот е роден во Сирија, како и две неидентификувани лица од РПортугалија, од користољубие со умисла организирале врбување, прифаќање, превезување и сместување на женски лица од Бразил. Тие, во период од скоро една година заради вршење на проституција во РСМ прифатиле пет бразилки од 26 до 38 години кои ги сместувале во претходно изнајмени станови во Скопје, во комплексот „Џевахир Холдинг“. Девојките во двата стана каде што биле сместувани давале сексуални услуги на клиенти кои со нив стапувале во контакт преку меѓународна веб страна наменета за понуда на ескорт девојки во цела Европа. На страницата девојките имале креирани еден или повеќе профили на кои биле постирани телефонски броеви, ценовник на сексуални и дополнителни услуги и фотографии со експлицитна содржина. Првоосомничената ги контролирала профилите на девојките, контактирала со потенцијалните клиенти, го организирала дневниот распоред на клиентите за секоја девојка, го определувала времетраењето на давање на услугите кои се движеле од 150 евра за половина час, 200 евра еден час, 300 евра два часа, 450 евра три часа и 800 евра за цела ноќ за сексуални услуги, одобрувала дополнителни услуги за клиентите кои чинеле од 70 евра и нагоре и гарантирала за безбедноста на девојките. За нејзиниот ангажман добивала 30% од заработувачката на девојките која ја делела со второ и третоосомничениот кои организирале прифаќање, превоз, сместување, безбедност и грижа за секојдневните потреби на девојките.

Со намера да го прикрие вистинскиот извор, локацијата, понатамошниот тек и вистинските сопственици на паричните средства стекнати со вршење на кривично дело „Посредување при вршење на проституција“, првоосомничената дел од паричните средства преку систем за електронски трансфер на пари за територијата на РСМ во период од една година уплатила износ од 26.151 евра кон четири лица во Португалија и три лица во Бразил. Второосомничениот пак, во два наврати дел од паричните средства стекнати од претходно сторено кривично дело во износ од 3.000 УСД ги уплатил кон едно лице во Норвешка, а во повеќе наврати извршувал готовински исплати на парични средства во износи од 440 евра по основ на закупнина за становите во кои девојките престојувале и ги давале сексуалните услуги, како и повеќе готовински исплати на парични средства за различни сопствени животни потреби и потреби на девојките. Третоосомничениот износ од 1.965 евра преку субагент за трансфер на пари ги испратил на првоосомничената на нејзина сметка во Португалија, а 150 евра испратил кон физичко лице во Колумбија. Четвртоосомничениот пак, кој во повеќе наврати бил корисник на сексуални услуги од една од девојките, дури и со одобрување на првоосомничената и паричен надоместок од најмалку 5000 евра по патување што бил исплаќан на првоосомничената, девојката го придружувала при неговите патувања во Рим и Лондон. Откако ја стекнал довербата на девојката, со цел да ги пушти во оптек и да го прикрие потеклото паричните средства што девојката ги прибавила со извршување на казниво дело „Оддавање на проституција“ по чл.19 од Закон за прекршоци против јавниот ред и мир, ѝ креирал кориснички профил на веб платформа за тргување со електронски пари (крипто валути) иако знаел дека парите девојката ги прибавила со казниво дело. Преку профилот и со поседување на електронски паричник (wallet), девојката непречено можела да врши трансакции и да го прикрие изворот на паричните средства. Со опишаните дејствија осомничените сториле кривично дело-Перење пари и други приноси од казниво дело.

Во текот на денешниот ден предметниот јавен обвинител ценејќи дека се исполнети условите за определување на мерка притвор до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор против осомничените.