Врз основа на член 75 од Уставот, донесов одлука да не го потпишам Договорот со Грција, вели претседателот Ѓорге Иванов во писмото до Собранието, што беше денеска препратено до медиумите.
Тој набројува пет причини зошто нема да го потпише Договорот и потенцира дека во извршувањето на функцијата Претседател на Република Македонија секогаш постапува одговорно и дека своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот, законите и интересите на Република Македонија.
Во образложението на одлуката тој вели дека нема мандат да го потпише Указот за прогласување на законот за ратификација на спогодбата.
-Еден од столбовите на мојата политика во изборната програма од 2014 година е дека „не прифаќам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Не прифаќам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.“ На претседателските избори 534.910 граѓани гласаа за оваа моја изборна програма и ме избраа на функцијата Претседател на Република Македонија – вели Иванов.
Според него спогодбата излегува надвор од опфатот на резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, затоа што во нив се зборува за „разлика околу името на државата„, а не за „разлики“ како што стои во спогодбата.
Иванов напоменува дека спогодбата нема уставен основ и не е ратификувана во согласност со Уставот и дека законот за ратификација на спогодбата не е во согласност со член 51, член 118 и член 119 од Уставот на Република Македонија.
-Спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно Република Грција. Според член 308 од Кривичниот законик, „Граѓанин кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“. Озаконувањето на оваа спогодба создава правни последици што се основа за кривично дело – додава Иванов.