ИВАНОВ ЈА ТУРКА ЗЕМЈАТА ВО ХАОС! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

 

Дента кога Груевски не успеа да формира влада со партијата на Али Ахмети, подготвив текст со оптимистичка најава дека конечно стигнавме на прагот на разрешувањето на повеќегодишната криза, дека по еднодецениско владеење ДПМНЕ заминува во опозиција, нејзиниот лидер никогаш повеќе не ќе биде премиер, можеби и партиски водач, а неговата лична судбина понатаму ќе биде во рацете на СЈО. Таквите очекувања беа засновани на вообичаената светска демократска практика, но и на нашите уставни начела, според кои шефот на државата мандатот за состав на новата влада треба да и го довери на втората партија по бројот на освоени пратенички места, со што опозициската СДСМ би добила можност во преговори со албанските партии да формира парламентарно мнозинство. Со оглед на сознанијата дека тие претходно категорично одбија било каква коалиција со Груевски, логично е да се претпостави дека шансите за состав на заедничка влада со СДСМ, се реални и остварливи. Една таква проширена влада, ако ништо повеќе, ќе можеше во претстојниот период да ги отзатне зачепените артерии на државниот крвоток и да отвори простор за излез од сегашната криза.

Меѓутоа, превидов битен факт: така требаше да биде доколку на чело на државата се наоѓаше сериозна и одговорна политичка личност, која што доследно се придржува до својата заклетва оти верно ќе го брани уставот и државните интереси, а не некој партиски лигуш и измеќар, кој што од уставот ќе направи крпа за бришење на чевли.

Според многумина правни експерти нашиот претседателски имитат Ѓорѓи Иванов, со последната одлука за доделување на владиното мандарство, не само што ги прекршил уставните норми и ги пречекорил своите овластувања, туку свесно тргнал во натамошно распламтување на кризата, со големи ризици наскоро таа да прерасне и во поширок граѓански и меѓуетнички конфликт. Во таа насока доаѓаат и предупредувањата на угледниот универзитетски професор и политиколог Денко Малески, за кого ставот на Иванов околу изборот на мандатар, претставува неодговорен и самоволен чин во уставната примена, и води кон нови неизвесности на македонската политичка сцена. Ако се има во предвид дека се тоа оценки на еден искусен политичар со широки демократски погледи и заложби, секогаш умерен и одмерен во своите аналитички нстапи, тогаш навистина станува недопустлива пасивноста со која опозицијата но, и јавноста го следи редоследот на режимските сценарија за продолжување на груевистичкото владеење.

На тие провокации, во најмала рака, мора брзо и енергично да се одговори со контра мерки кои што ќе ја спречат натамошната ескалација на режимските злоупотреби. Опозицијата повеќе не смее да допушта да биде влечена за нос, овозможувајќи нејзината конструктивност и толерантност да се злоупотребува од власта за перманентно минирање на пржинскиот договор и за поништување на граѓанската изборна волја. Таа има историска одговорност, земјата да ја извлече од амбисот во кој што планирано се турка. А, излезот е на дофат: итно договарање со албанските партии и формирање на заедничка влада. Имајќи во предвид дека повеќето од нивните услови во Платформата се речиси блиски на гледиштата на СДСМ, со малку поголема волја и кооперативност на двете страни би можело да се дојде до компромисно решение, со што би паднале во вода режимските трикови за брзи нови избори.

Притоа, не смее да се има илузии дека бандата на Груевски ќе седи со скрстени раце и не ќе се обиде со полтронската помош на Иванов повторно да го оспори опозицискиот мандат со некакви фамозни програмски определби на таа влада. Исто така не се исклучени и разни митаџиски понуди и трансфери со одделни пратеници, своевремено врзани за синџирот на бившиот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков. Би било навистина погубно за СДСМ доколку во договарањето со идните коалициони партнери се потпре само на даден чесен збор, а претходно не обезбеди уверувања и цврсти гаранции дека при гласањето на новата влада не ќе се јават пребези од типот на Амди Бајрам.

Бидејќи во Македонија, нели, се` е можно не ќе биде никаквво изненадување ако нејзината судбина во последен момент биде решавана со два кренати или воздржани прста на некој партиски клептоман!