Иванов: Системот на разузнавачките служби беше тектонски пореметен од Верушевски

Сподели

timthumb

Претседателот на државата Ѓорге Иванов во интервју за „Дневник“ повторно директно ги нападна лидерот на СДСМ, Зоран Заев, обвинувајќи го дека е креатор на политичката криза, и Специјално јавно обвинителство, за кое вели дека постапува селективно.

Иванов повторно го повикува Заев „да собере храброст“ и да побара да му биде повлечена аболицијата за случајот „Глобал“ од 2008 година.

„ Заев неколкупати изјави дека ако има законска основа, тогаш тој ќе побара повлекување за тоа помилување. Сега таква законска можност постои. Ако тој е како што вели чист и целиот случај е политички притисок врз него, еве сега има начин да ја докаже својата невиност. Му треба само малку храброст да го напише тоа на лист хартија, да го потпише и да го достави како официјално барање“, вели претседателот.

Иванов вели дека минатата година се обидел да иницира лидерска средба, без знаење на јавноста, за решавање на политичката криза, но, бил одбиен од Заев, кој според Иванов, се плашел да не биде уапсен. Тој  ги обвинува Заев и Ахмети за сервилност кон претставниците на меѓународната зедница во земјава.

„Тогаш се вклучија меѓународните претставници и побараа тие да организираат лидерска средба. Така и се постигна пржинскиот договор. Со тоа овие двајца лидери ја преземаа одговорноста, наместо во институциите на државата, да одат во странски амбасади и таму да носат решенија за државата“, вели Иванов.

Прашан за безбедносната состојба во земјава, претседателот меѓудругото вели дека граѓаните треба да бидат спокојни и да имаат доверба во институциите и службите.

„Сега сосема се поинакви безбедносната состојба и нашата реалност. Полицијата и безбедносните служби се повторно под едно старешинство и една команда. Целиот тој систем на разузнавачки служби на некој начин ни беше тектонски нарушен од активностите на Верушевски (Зоран Верушевски, поранешен директор на УБК н.з) и неговата група. Но го издржавме тој удар и следуваат реформи во тој сектор. Мигрантската криза беше и шанса да ги видиме капацитети со кои располагаме во овие служби, сега откако Верушевски не е влијателен таму“, вели претседателот во интервјуто за „Дневник“.

Иванов очекува политиката криза да се реши со спроведување на избори и со почитување на Уставот и законите.

„Оваа е реална политика, а во политиката сè се решава преку дијалог, а не монолог. Ова не е борба за живот и смрт како што тие сакаат да ја прикажат. Ако не може да се води дијалог, тогаш единственото нешто што останува е да се почитуваат утврдените процедури. Тоа значи да има избори, да се излезе на нив и да се добие довербата од граѓаните.  Друг начин за решавање криза нема зашто ако не ги почитувате Уставот и законите, се доаѓа до претполитичка состојба во која се неизбежни сите видови конфликти“, вели Иванов.